Седмото издание на Европскиот филмски ден на млада публика на кој се избира најдобриот европски филм за деца се одржува денеска. Агенцијата за филм на Р. Македонија во соработка со Европската филмска академија-ЕФА по четврти пат во Скопје го организираат овој настан, кој годинава се одржува во рекорден број од 46 европски градови во 37 земји.
Настанот ќе се одржува во Кинотека на Македонија, а во жирито ќе бидат млади на возраст од 12 до 14 години. Тие во текот на целодневниот настан ќе ги проследат трите номинирани филмови, ќе имаат можност да дискутираат за нив и директно да комуницираат со своите врсници од Европа преку пренос во живо.
Европската филмска академија оваа година ги селектираше филмовите „Girl in Flight” („Девојка во бегство“) во режија на Сандра Ванучи, „Hobbyhorse Revolution” („Револуција на дрвените коњчиња“) во режија на Селма Вилхунен и „Wallay” („Волеј“) во режија на Берни Голдблат, кои ќе се прикажуваат истовремено во 45-те градови низ цела Европа.
По проследување на филмовите, младите преку гласање ќе треба да го изберат најдобриот европски филм кој свечено ќе биде прогласен за победник на официјалната церемонија која се одржува во Ерфурт, Германија.
За време на настанот младите од сите земји ќе бидат поврзани меѓу себе, ќе имаат можност да бидат дел од официјалната церемонија, додека преку комуникациска платформа ќе имаат можност освен да комуницираат меѓу себе, воедно и да им поставуваат прашања на режисерите, актерите и продуцентите на филмовите.
Номинираните филмови се достапни онлајн за јавноста и може да се гледаат низ целата година.
Активностите во Скопје се во организација на Агенцијата за филм на Р. Македонија.