Денеска во Музеј на град Скопје се одржа свечена приредба по повод одбележувањето на 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје. Настанот беше во рамките на проектот „Скопје – трезор на културно наследство”, финансиран од Град Скопје, како еден од завршните настани за оваа година.
Проектот беше составен од едукативни работилници, од кои произлезе и денешната изложба насловена „Градот убав”, во соработка со ДСУЛУД „Лазар Личеноски” и професорката Марија Рашовиќ. На приредбата учествуваа ученици од скопските училишта ОУ „Лазо Трповски” со презентација за „Ослободување на Скопје” и пригодна музичка точка под менторство на наставничката по историја Елена Јовановиќ, и ученици од ОУ „Гоце Делчев” кои се претставија со свои поетски и ликовни творби.
За нив специјално беше одржана културно-музичка програма во која радост внесоа музичките настапи на детската евровизиска претставничка Марија Спасевска и познатиот скопски бенд „Бона Деа”. Со рецитација настапи говорникот Емил Чинго, со поезија, познатата актерка Елизабета Клинчаревска-Младеновска и новинарката Валентина Ѓоргиевска-Парго, а уметникот Живко Поповски Цветин во оваа пригода ѝ врачи цртеж, „Цвеќе на мирот”, на организаторката на настанот и музејски едукатор Маргарита Плевнеш Петкоска, од Музеј на град Скопје.