Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска денеска од 16 часот премиерно ќе биде прикажан на Берлинскиот филмски фестивал во официјална конкуренција за наградата „Златна мечка“.
По 25 години, кога „Пред дождот“ беше во Венеција во 1994-та, македонски филм повторно е во главна селекција на филмски фестивал од А-категорија.
-На црвениот тепих бевме пред точно 25 години во Венеција. Мислам дека е премногу чакање четврт век за македонската кинематографија повторно да го доживее ова и треба да сме сите заедно горди. Се надевам дека ова ќе му ги отвори вратите на македонскиот филм, тој да биде присутен и за него да се зборува, особено во ова време кога мора да зборуваме за Македонија насекаде. А најдобро тоа го умееме и можеме преку културата, посебно преку филмот – изјави продуцентката и актерка во филмот Лабина Митевска.
Филмот е копродукција на Македонија, Франција, Белгија, Словенија и Хрватска, со вкупен буџет од околу 1,4 милион евра. Агенцијата за филм го поддржа со околу половина милион евра, а финансиски учествуваше и европскиот филмски фонд Еуримаж. Беше сниман во февруари и март минатата година во Штип, постпродукцијата е работена во Франција, Белгија и Словенија.
Филмот раскажува за млада невработена девојка од Штип, која на Водици решава да се фрли по крстот. Но кога успева да го фати, почнуваат и нејзините проблеми затоа што е жена. Насловната улога (Петрунија) ја игра Зорица Нушева.
Новиот филм на сестрите Митевски е интересен по тоа што авторскиот тим е женски – покрај режисерката Теона, косценарист е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е Вирџин Саинт Мартине, костимографка Моника Лорбер, за шминката е задолжена Мојца Горогранц-Петрушевска, монтажерка е Мари Хелен Дозо, а дизајнер на звук – Ингрид Симон. Братот на сестрите Митевски, Вук Митевски, е сценограф на филмот.
Покрај денешната официјална премиера, во 11-те фестивалски денови на Берлиналето „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ има уште седум проекции.