Диригентот и композитор Трајко Прокопиев е еден од основоположниците на македонската национална музика, првиот директор на Музичкото училиште во Скопје, долгогодишен директор на „Танец“, основач на воениот хор, еден од основачите на Македонската филхармонија. Автор е на повеќе композиции, меѓу кои најпопуларна, а и историски најзначајна е „Лабин и Дојрана“ – првиот македонски целовечерен балет. Темата на балетот е љубовта меѓу Лабин и Дојрана, македонските Ромео и Јулија. Легендата вели дека убавата Дојрана, вљубена во овчарчето Лабин, во еден крајезерски град бива грабната од Џемо арамбашата. Решена да се избори за својата љубов, Дојрана му избегала на грабнувачот, го пронашла Лабин и заедно се удавиле во водите на езерото, за да бидат соединети во смртта, кога веќе не можеле во животот. Дојранско Езеро го добило своето име според оваа легенда, исто како и балетот на Прокопиев, премиерно изведен на 11 јуни 1958 г. во Македонскиот народен театар во Скопје. Балетот бил поставен под диригентската палка на авторот, а во кореографија на Александар Доброхотов и Олга Милосавлева.
Во „Лабин и Дојрана“ Прокопиев му останал верен на својот стил, лирски и длабоко елегичен. Одлика на неговата музика е прекомпонирањето или цитирањето на традиционалните македонски народни песни и игри, кои вешто ги комбинирал со класичниот музички јазик. Карактеристичните непарни ритми од македонскиот фолклор доминираат во целокупното творештво на Прокопиев, па и во „Лабин и Дојрана“. Овој балет, за жал, одамна не се изведува, но оркестарските свити од него го живеат својот живот во концертните сали. Мене особено ми е драга Свитата број 2, која ја свирев на мојата прва турнеја во Италија, речиси пред четврт век. Во „Театро ди Сан Карло“, раскошната оперска куќа во Неапол, како грмеж звучеше седумосминскиот ритам, создавајќи надреален спој меѓу нас, музичарите на сцената, и егзалтираната публика.
Подготвила: Лада Шоптрајанова Петровска