Издавачката куќа „Антолог“ го најавува објавувањето на романот „Просечен индекс на среќата“ од португалскиот писател Давид Машадо. Книгата ја доби Наградата за литература на Европската Унија за 2015 година. Преводот на македонски е на Ненад Трповски.
Погодено од финансиската криза во Португалија, семејството на Даниел се разделува. Неговата сопруга Марта заедно со децата се отселува кај своите родители. Но Даниел верува дека ќе најде работа и повторно сè ќе биде како порано. Даниел е нараторот што ја пренесува приказната преку имагинарен дијалог со својот пријател Алмодовар. Романот е потрага по она што е навистина важно за да се биде среќен, но и обид да се сфати колку едно срце може да биде големо.
Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Давид Машадо (1978) е португалски писател. Пред целосно да му се посвети на пишувањето, студирал економија и менаџмент во Лисабон. Интересот на читателите првично го привлекол како автор на литература за деца. Покрај наградуваните книги за деца, има објавено и неколку романи и збирка раскази. „Просечен индекс на среќата“ е неговата најуспешна книга.