Македонскиот тим, кој ќе ја одржува интерактивната работилница „Хорот“, деновиве отвори јавен повик за учество на заинтересирани млади помеѓу 16 и 20 години. Овој проект е дел од истражувачкиот процес за меѓународниот театарски проект „Хорот“, според трилогијата „Орестија“ на Есхил. За време на оваа интерактивна работилница е планирано да се работи на вториот дел на трилогијата „Орестија“, во режија на Ивица Димитријевиќ. Како што велат од организацијата, главна цел на претставата е реобмислување на улогата на хорот во античките драми во однос на денешниот социополитички и културен контекст.
Координатор на работилницата е Јасмина Василева (актерка). Работилниците ќе се одвиваат во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје во три фази, во три последователни викенди, со по две сесии дневно, во времетраење од 70 минути.
Првата фаза ќе ја предводи Александра Михајловска (актерка и младинска работничка) и, како што вели таа, замислена е како сет од неколку сесии што ќе ги користат методите на неформалното образование и применетиот театар за директна работа со младите. Идејата е да се поттикне нивното критичко размислување и да им се даде простор за споделување ставови и вредности и потенцијално развивање нови. Во продолжение ќе се работи и на групно истражување на темата и значењето на активното младинско учество во процесите на донесување одлуки во заедницата; создавање простор за зајакнување на нивните лични вештини за јавно говорење и застапување на младинските интереси и потреби; како и анализа на делови од драмата директно поврзани со позицијата на (не)моќ на младиот човек да дејствува во согласност со личните наспроти наметнатите вредности.
– Сцената е моја најголема љубов, но младинската работа е нешто што го работам паралелно и со еднаков ентузијазам. Со младинска работа се занимавам веќе 10 години и низ неа ги промовирам театарските методологии за работа на личниот развој на младите. Станав експерт за користење сценски техники при работа на резолуција на конфликти, интеркултурен дијалог и младинско учество и водам постојани програми во Куманово и веќе две сезони во Данска и во Шпанија. Генерално, сѐ што работам има врска со театарот и со развојот и поддршката на младиот човек, а преку младинската работа ги врзувам и двете – вели Михајловска.
За време на втората фаза е планирано да се одржат дискусии со Кире Василев и со Мариглен Демири. Целта е да се препознаат и да се лоцираат предизвиците и проблемите со кои се соочуваат младите, барајќи ги новите форми на практикување на демократијата во општествата во развој. Притоа работилницата ќе се задржи на прашањето дали либералните вредности и концептот на човекови права се компромитирани во современиот неолиберален капитализам. Во вакви општествени односи се бришат традиционалните политички поделби, а новите се формираат во виртуелниот простор, каде што владее информациски хаос доминиран од лажните вести и гетоизацијата на јавното мислење. Бегство во сајбер-просторот се чини како единствена алтернатива на слобода на младите, можеби и затоа новата демократска комуникација станува ексклузивно виртуелна.
Третата фаза, која ќе ја предводи Билјана Крајчевска (драматург и педагог), пак ќе биде посветена на интерпретација – толкување одредени теми во „Орестија“ на Есхил преку дискусија и нивна контекстуализација со актуелните општествено-политички случувања, кои понатаму ќе се користат како документарни извори за драмска предлошка.
Проектот е поддржан од „Креативна Европа“, а во копродукција на МКЦ – Скопје, „Ап старт театар“ од Лондон, „Патос“ од Минхен и „Театар ам ланд“ од Грац.