„Раѓање на битието“ е тематската изложба на скулптури од Александар Јанев, која ќе биде отворена вечерва од 19.00 часот во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“.

На првото претставување пред прилепската јавност уметникот изложува над десетина дела преку кои дава одговор на прашањето „Што е живо битие?“.

-Авторот на ова прашање одговара на свој начин како доживување и изразување со помош на формата и материјалите. Создава уметничко дело кое ќе има свое значење и по својата содржина нема да смее да се исцрпи со линии, кривини, површини и вдлабнатини во дрвото, каменот и металот во одредените тонови или во било кој друг материјал кој се искористува туку развива внатрешен живот, чувства, душа, некоја содржина и некој дух кој се нарекува значење на уметничкото дело… Тој не се занимава со пресликување на природата, туку со изразување на сопствените доживувања на природата. Тој ја поддржува мислата дека тоа што ни го дала природата треба да се искористи за создавање на уметничко дело. Во своите дела авторот користи доста симболи бидејќи самата историја на симболите потврдува дека секој предмет може да добие симболичка вредност, било да е природен (камен, стебло, цвеќе, плод) или абстрактен (ѓеометриски облик, број, ритам) …Во одреден дел авторот користи материјали кои имале своја намена, но откако биле искористени тие се отфрлени. Авторот ги искористува во своите композиции кои се во исто време и порака за зачувување на природата како идеа која и не е ниту нова бидејќи и Пикасо и Брак во свое време собирале отпадоци и ги створиле нивните познати колажи – забележува за делата на уметникот Јордан Јанев – Дане.

Александар Јанев од Гевгелија дипломирал на УКИМ, Факултет за ликовни уметности Скопје, оддел вајарство со графички дизајн во класата на професор Беди Ибрахим. Работи во Гевгелија како наставник по ликовно образование. Член и претседател е на Друштвото на Ликовни уметници во Гевгелија – ДЛУГ и член на Мултимедиа центар Гевгелија од 2009 година. Учествувал на сите групни изложби на ДЛУГ и Мултимедиа центар, а бил дел од повеќе ликовни колонии.

Ka.M.