Првата (а можеби и единствената) песна што ни паѓа напамет кога ќе помислиме на еврејската музика е, секако, „Хава нагила“. Ведра песна, која со неколку повторувачки стиха и едноставна мелодија внесува веселост и радост во сечие срце. Токму тоа е и значењето на насловот, во превод – „да се радуваме“.
„Хава нагила“ е песна што се пее на сите еврејски прослави – на венчавки, на бар и бат мицва, на сите забави, каде што на неа се танцува во традиционалниот стил, хора. Звучи слично како оро, нели? Слично и се игра, речиси исто како нашето оро – три чекора напред, еден назад. Сличноста и не е сосема случајна. Израелските народни песни и танци почнале да се развиваат во времето на ционизмот. За првата генерација еврејски деца родени во Израел бил потребен автентичен музички и танцов израз, кој ќе можат да го наречат свој. Како што државата била создадена за да ги обедини Евреите од целиот свет, така и фолклорот се оформил, без да има доволно време да расте и да се пренесува низ генерациите. Бидејќи родителите на овие деца биле Евреи доселени во Израел од сите страни на светот, музиката и танцот се развиле под влијание на фолклорот на земјите од кој потекнувале доселениците. Така, според етномузиколозите, забележливо и значајно е влијанието на хасидскиот, балканскиот (ете го орото), рускиот, јеменскиот и арапскиот мелос и танц. Но во тоа време новите танци се создавани да бидат модерни и да го нагласуваат ционистичкиот идеал на обединување, почитување на начелата на Библијата и продлабочување на љубовта кон татковината.
Костурот на „Хава нагила“ е, всушност, хасидска молитвена мелодија без зборови, која била донесена од имигрантите (по потекло од денешна Украина) во Ерусалим. Основоположникот на израелската етномузикологија, Аврахам Зви Иделсон (1882-1938), на своите патувања низ кибуците ги запишувал и снимал песните што имигрантите ги пееле. Потоа, на основа на мелодиите што Евреите од целиот свет ги донеле од своите родни земји, тој ја оформил современата израелска фолклорна музика. Напишал музика и текст за повеќе песни, меѓу кои најпозната е „Хава нагила“. Нејзините стихови се ехо на псалмот 118:24, кој гласи „Овој ден Бог го создаде. Да се радуваме и да бидеме среќни.“
Јас сум атеист, но се согласувам дека секој ден треба да го живееме во радост.
Лада Шоптрајанова Петровска