Доста нè лажеа и доста чиновници од Министерството за култура одлучуваат за состојбата во културата, нашиот статус и вработувањата, ова министерство е само сервис на културата, а ние сме тие кои знаеме што треба да се менува во нашата дејност за нештата да одат напред – рече Гоце Павловски, секретар на Синдикатот на културните работници на Македонија, во својот воведен говор пред Министерството за култура на денешниот предупредувачки марш за потпишување колективен договор.
По него своите пораки за итно потпишување на колективниот договор ги испратија и претседателите на синдикатите од 46 институции од културата од целата земја. Протестниот марш со бројни поддржувачи тргнаа од паркот позади Филхармонијата до Владата па до Министерството за култра. Пред Владата испратија гласна порака каде хорот на Националата опера и балет изведе дел од операта „Хорот на Евреите“ од Набуко.
Министерството за култура ги поддржа вработените во културата за остварување на нивните барања а премиерот Зоран Заев на претседателката на СКРМ, Јовановиќ, ѝ вети средба на 24 октомври.
– Министерството за култура ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работи на подготвување на нормативните услови за донесување модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации. Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е услов за подготовка на колективниот договор. Предлог-законот е во завршна фаза, и работната група ги внесува забелешките доставени преку ЕНЕР и од страна на надлежните органи, како последна фаза, пред да го предаде текстот во Владата на усвојување.
Укажуваме дека предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и предлог-текстот на колективниот договор, во Министерството за култура се подготвени уште од минатата година, но се чекаше усогласување со новите измени на прописите за јавна администрација, кои сега се достапни на јавноста. Со оглед на тоа дека е утврден концептот на новиот закон, во Министерството за култура засилено и посветено работи со работната група за подготовка на колективниот договор за културата, во која се вклучени членови на СКРМ и на СОНК. Со КД се очекува, покрај другите прашања од областа на работните односи, да се надминат и присутните проблеми во утврдувањето на платите на вработените во установите во културата. Со КД, заедно со синдикатите ќе се елиминира дисбалансот на платите помеѓу одделни дејности и ќе бидат утврдени објективни коефициенти за висната на платите во културата. Се очекува во наредниот период колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата и дека ќе биде применлив од 1.01 2020 година – велат од Министерството за култура.
Претседателката на СКРМ, Сања Арсовска, рече дека одложување повеќе не смее да има и колективниот договор може да се потпише и по стариот Закон за култура. Заложба на СКРМ било да се потпише колективен договор врз основа на нов закон за култура, но бидејќи законот со кој би се регулирале правата сè уште не е донесен тие, нагласи Арсовска, повеќе нема да го чекаат неговото донесување и колективниот може да го потпишат врз основа на постојниот закон.
– Нивелацијата се протолкува како зголемување на платите во културата. Не, тоа беше порамнување на платите и исправање на една неправда што се случуваше во минатото. Она што сега им следува на вработените во културата е колективен договор во кој ќе се уредат платите, коефициентите според сложеноста на работните места, точно ќе се уредат условите за надоместоците на плата – рече Арсовска.