Промоција на книгата „ТВ-бокс: Теоретски прилози и филмско сценарио“ на режисерот Златко Славенски, а во издание на Факултетот за драмски уметности во Скопје, ќе се одржи денеска, во 19 часот, на ФДУ. Книгата го опфаќа истражувањето на авторот, кое требаше да биде негов докторски труд на темата „Адаптација на драмски текст во филмско сценарио“, кој тој не успеа да го одбрани поради неговото прерано заминување. Книгата е сочинета од два дела: теоретски прилози и филмско сценарио „ТВ-бокс“, кое е адаптација на авторот од истоимениот оригинален драмски текст напишан од него и петмина актери што беа вклучени во целото истражување.
Филмското сценарио „ТВ-бокс“ е резултат на долгогодишното истражување на авторот, кое започнува со пишување драмски текст „ТВ-бокс“ и негово вообличување во театарска претстава. Ваквиот развој и завршница на овој концепт е значаен за пошироката јавност и поради уметничко-истражувачката вредност, но и поради својата отвореност, а книгата останува како трага и сведоштво за извонредно богатиот и сложен експериментирачки дух на нејзиниот автор.
Промотори на книгата ќе бидат: Сашко Насев, Александар Прокопиев и Небојша Вилиќ.