„Кусиот расказ и сонот“– компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи и збирката раскази „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ од Габриела Стојаноска Станоеска, ќе бидат промовирани вечерва од 19.00 часот во библиотеката „Борка Талески“ во Прилеп. Промотори се Сузана Ѓорѓиевска, Добрила Грашеска и Цеца Видова- Трајческа, а извадоци ќе чита Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Во студијата „Кусиот расказ и сонот“ предмет на интерес е релацијата кус расказ-сон застапена во одбрани раскази на Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова, Тања Урошевиќ, Јадранка Владова, Ѓорѓи Крстевски и Хорхе Луис Борхес. Расказите се толкуваат од аспект на избран критички метод (структуралистички, митокритички, психоаналитички и интертекстуален). Станува збор за книжевно-критички експтеримент кој, за разлика од
природонаучните експерименти, не води кон добивање на егзактна вистина како краен резултат, туку, како и сите експерименти во хуманистичките науки, кон повеќе толкувања како крајна цел.

„Приказни за краткоста– раска(з)(ж)и за своја душа“ е книга која, несомнено, ќе го побуди интересот на читателската публика со својата мошне оригинална и луцидна перспектива на светот и постоењето. Според Сузана Ѓорѓиевска во „Приказни за краткоста– раска(з)(ж)и за своја душа“ осетила дека перото е продолжен дел од раката и од срцето на авторката и дека мастилницата е полна со љубов.

Ка.М.