Промоцијата на графичката арт-панорама „Допир“ ќе се одржи на 14 декември со почеток во 20 часот во кафулето „Метаноја“.
Панорамата „Допир“ е симбиоза, односно претставува дијалог помеѓу двете уметнички дисциплини – поезијата и графиката. Застепени се песни од 16 поети и тоа: Цветанка Колева, Тони Попов, Љубица Шопова, Љупка Антеска, Александар Станојков, Јосип Коцев, Лулзим Хазири, Андреј Ал-Асади, Перица Сарџоски, Катeрина Гогова, Диме Данов, Митко Апостолов, Долорес Атанасова Лори, Александра Спасеска, Мира Смaќоска Танеска, Цветанче Костоска, а инспирирани од нивните песни илустраторите Давор Кешќец, Едона Азири, Александар Иванов, Ивана Горичан, нацртаа цртежи кои потоа беа печатени на техника сито штампа. Илустрацијата на корицата и графички дизајн е на уметницата Емилија Мишева, а рецензијата за книгата ја напиша писателот Стефан Марковски, додека пак за лектурата е заслужна Виолета Танчева-Златева. Книгата е поделена во 4 поетски циклуси „Пу барам!“, „Љубов дотечи!“, „Брзо јурат елените!“ и „Пукни срце!“.
– „Допир“ не е обична книга поезија, туку еден богат уметнички спој во кој графиката ја оживува песната, а со тоа има и јасна тенденција да ја доведе уметноста во рацете на публиката, надвор од застаклените излози на книжарниците, во едно поинакво руво. Да се оствари близина со боите, контурите…Сито печатот ја зголемува живоста, ги засилува боите и го прави искуството на допир единствено и несекојдневно. Идејата на оваа панорама е да стане база за понатамошни изданија и воедно да ја потврди заложбата на „Арт Еквилибриум“ за независна продукција – вели Марија Стојанова, одгворниот уредник и носителот на идеата да се направи ваква книга.
Издавач и носител на проектот е „Арт Еквилибирум“ од Гевгелија, а авторки и уреднички на панорамата се Марија Стојанова и Снежана Стојчевска.
– И токму допирот меѓу текстуалното и визуелното во оваа панорама, небаре допир меѓу авторот (аристотелијански допрен и од генијот и од лудилото) и неговото штотуку завршено дело спремно за соочување со самото себе и светот, како самиот од себе да извира уметност спремна да биде восприемена (откако претходно била создадена од чинителите) од истиот тој свет. Со зборовите на големиот барокен Германец, сѐ што е потребно за свирење музички инструмент е вистински допир во вистинско време и тој самиот ќе создава музика (Бах). Вистинскиот допир меѓу текстуалното и графичкото/визуелното во вистинско време дури и во облик на панорамски преглед поседува задоволителен потенцијал да го доближи творештвото на застапените автори до „секојдневната читателска публика“ правејќи уникатен и интересен мултимедијален спој близок до нејзините чинители – вели рецензентот Стефан Марковски.