На Саемот на книгата на штандот на издавачката куќа „Просветно дело“ беа промовирани македонското и албанското издание на „Македонски мултиетнички јазли“ на авторот Петар Атанасов, заменик-министер за образование и наука. Книгите ги промовираше Сафет Балази од Центарот за човекови права и разрешување конфликти.
– Овие две изданија претставуваат битка за идеалот на мултикултурниот концепт како модус за востановување рамнотежа меѓу државата и општеството, меѓу колективните и индивидуалните начини на живот, како и неуморна потрага по модели на коегзистенција меѓу културно различните групи и општествени структури – велат во „Просветно дело“.
Атанасов иајави дека како што во светот не постојат две исти семејства, така и секое општество е посебна приказна со својата историја и сегашност.
– Имајќи ги мултиетничките дилеми како главен фокус во овие книги, авторот се стреми кон пронаоѓање на вистинскиот пат, не за ублажување, туку за трајно решение на постојаните етнички проблеми во општеството кои долго време создаваат чувство на небезбедност и тензии меѓу неговите граѓани. Потребни се добар план и упорни градители – рече Атанасов.