Две нови книги, „Погледи кон светилникот“ од авторите Венко Андоновски, Билјана Ванковска, Александар Русјаков, Сашо Клековски, Ефтим Клетников и Ставре Џиков и „Македонија во рингот“ на главниот и одговорен уредник на весникот, Александар Димковски, во издание на НИК „Нова принт“, беа промовирани во кафулето „Капри“, со што редакцијата на весникот „Нова Македонија свечено ја одбележа 10-годишнината од обновувањето на весникот.
„Погледи кон светилникот“ е збирка на најдобрите колумни на шестемина редовни колумнисти во весникот. Во книгата, покрај колумните, има и писма до редакцијата од митрополитот повардарски Агатангел (Станковски), Милојка Калкашлиева, Драги Стефанија и Марија ЗарезанковаПотевска. На повеќе од двесте страници се распослани авторските видувања на актуелните состојби во Македонија, но и она што го окупира вниманието на граѓаните.
„Македонија во рингот“, пак, е дело што содржи 120 колумни објавувани секоја сабота, почнувајќи од 2014 година (кога Димковски беше назначен за прв човек на редакцијата), па до август годинава. Во нив тој го пласира својот, но и ставот на куќата, раскрилувајќи ги своите размислувања пред читателите и пред пошироката јавност.