Сценаристот Александар Стеванов од Штип беше претставник на Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес на меѓународната стрип-колонија „Рашка“, Србија. На колонијата учествуваа и автори од стрип-школите од Белград, Лесковац, Никшиќ и од домаќинот Рашка. Во рамките на колонијата беше промовиран петтиот број на српската стрип-ревија „Рас комик“, во која е објавен стрип од 12 страници на Стеванов и на илустраторот Дарко Богданов од Виница.
Од СЦМ информираат дека меѓу триесетината учесници на колонијата „Рашка“ биле авторите Владимир Весовиќ, Горан Трајковиќ, Милош Цветковиќ, Илија Никчевиќ и Машан Савелиќ, а предавања одржале членови на некогашната култна уметничка група „Београдски круг 2“, Жељко Пахек и Бојан Ѓукиќ.
– Покрај споделените искуства и договорените идни меѓународни проекти и соработки, на маргините на оваа манифестација беше претставен дел од поновата македонска стрип-продукција, вклучувајќи ги и последните два броја на магазинот „Стрип-креатор“ – информираат од СЦМ-Велес.