Првиот број на „Нова Македонија“ има историско значење како прв официјален документ во кој Блаже Конески го извршил нормирањето на јазикот. Но кога станува збор за македонскиот литературен јазик и за азбуката, весникот има уште поголема историска улога, бидејќи на неговите страници е објавена првата македонска официјална азбука.
По донесување на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис, со што беше стандардизиран македонскиот јазик, создадена е азбуката на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај, со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел „Службен весник“ каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ.
Забележано е дека тробројот на весникот од 5, 6 и 7 мај 1945 година, редакцијата го подготвувала со посебно внимание. Во овој дотогаш најголем број се застапени текстови со различни теми од областа на јазикот, но најзначаен е документот со наслов „Решението на Народната влада на федерална Македонија за македонската азбука“. Весникот водел историска битка за почист и воедначен јазик. Уште во првите години биле присутни специјални рубрики, како „Јазично катче“, „Дневната јазична практика“… И денес весникот ја има благородната улога за зачувување на македонскиот јазик, особено внимавајќи да не потфрли на ова поле. Чистотата на јазикот е наша највисока задача, а неговото негување сѐ уште е еден од белезите на „Нова Македонија“.