Mакедонскиoт писател Александар Прокопиев е добитник на првата награда „Радмила Богојевиќ“, на истоимениот четврти меѓународен конкурс за хаику распишан во Србија, организиран од страна на книжевникот Дејан Богојевиќ, на кој учествуваа дури 214 автори на хаику, од 33 држави од светот.
Меѓународното жири што одлучуваше за наградите беше во состав: Душан Стојковиќ (Србија), Ранко Павловиќ (Босна и Херцеговина), Аленка Зорман (Словенија) и Нелица Ивановиќ Радовиќ (Црна Гора). Втората награда на конкурсот ја поделија две авторки: Ан Каран од Нов Зеланд и Зои Савина од Грција, додека третата награда ја поделија Дитмар Таухнер од Австрија, Драган Ристиќ од Србија и Вандана Парашар од Индија.
Во мај годинава Александар Прокопиев беше објавен во рамките на антологијата на светската хаику-поезија насловена „Длабока светлина“, каде што се застапени 460 автори од дури 77 држави, а сите хаику-песни во изданието се преведени на српски и на англиски јазик. Приредувач на антологијата е Дејан Богоевиќ, а издавач е „Пресинг“ од Србија. Прокопиев е застапен со неколку хаику-песни.
Тој повеќепати е застапуван во годишната антологија на хаику-поезија „Ворлд хаику“, која излегува во Кјото, Јапонија, и се смета за најрелевантна антологија на Светската хаику-асоцијација.


Награденото хаику на Прокопиев
Со грб на езеро
пребарува мејлови.
Странец на одмор.