ИН МЕМОРИАМ

Почина академик Блаже Ристовски (1931-2018), редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, соопшти Македонската академија на науките и уметностите со голема тага. Академик Ристовски долги години беше близок соработник и на нашиот весник.

Токму неговиот последен фељтон за преродбенските пројави на македонството беше објавен во „Нова Македонија“ во јули годинава.

Во фељтонот, кој привлече голем интерес кај јавноста, стануваше збор за првите пројави на македонството како национална идеја на македонскиот народ, за стремежите за создавање своја самостојна држава, за неговата етничка самобитност, за неговиот јазик, култура и традиции што го разликуваат од другите балкански народи. Во фељтонот беа опфатени и бугарските, српските и грчките негирања на Македонците и нивните напори да се уништат македонските стремежи.

Фељтонот беше дел од книгата на Блаже Ристовски „Историските основи на Македонската академија на науките и уметностите“. Книгата, на околу 400 страници, опфаќа период од речиси сто и педесет години. Низ нејзините страници, со претставени архивски документи и научни сознанија, се согледува една јасна слика за појавата на македонството како национална идеја на македонскиот народ, за неговата етничка самобитност, за неговиот јазик, култура и традиции што го разликуваат од другите балкански народи.

Инаку, академик Блаже Ристовски е роден на 21 март 1931 година, во с. Гарниково, Кавадаречко. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (на Групата за литература на народите на СФРЈ и македонски јазик), а по одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – живот и делото“ (1965), бил избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Како научен советник, преминал во Институтот за национална историја (1977-1991), каде што раководел со тимот за културната историја и со Балканолошкото одделение, а до пензионирањето работи како научен советник во Институтот за старословенска култура во Прилеп (1993-1995).

Академик Ристовски го посвети целиот свој работен век како неуморен и многу плоден истражувач на македонската литература, на јазичната и националната историја, на фолклорот, на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла, кои се објавени во голем број книги. Објавил над 800 статии и други прилози во разни списанија и зборници на трудови во земјата и во странство. Собраните дела на Крсте Мисирков претставуваат еден од најзначајните проекти на академик Блаже Ристовски во Македонската академија на науките и уметностите, кој со документиран, аналитички и критички приод ја претстави панорамата на македонскиот културно-национален развиток во еден клучен период од нашата историја.

Од 1991 до 1992 година, академик Блаже Ристовски ја вршеше функцијата потпретседател на првата влада на самостојна Република Македонија.
Погребот на академик Блаже Ристовски ќе се изврши на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, денеска, во 13 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 12 до 13 часот.