Лондонскиот саем на книги, еден од најголемите книжевни фестивали во Европа, е откажан поради ширење на коронавирусот
– Безволно одлучивме сепак да го откажеме годинешниот саем – објавија организаторите на „Рид егзибишнс“ во соопштението за медиумите, кое го пренесе Би-би-си.
Одлуката е донесена откако некои издавачки куќи и агенции го откажале присуството на саемот, кој требаше да се одржи од 10 до 12 март. Организаторите напоменаа дека поради ограничување на патувањата на многуте учесници на саемот, одлучиле да ја прескокнат оваа година, па најавиле дека Лондонскиот саем на книгите во 2021 година ќе биде „подобар од кога било“. Меѓу компаниите што пред откажувањето на саемот го најавија своето отсуство беа и „Хашет“, „Харпер Колинс“ и „Симон & Шустер“. Доаѓањето го откажала и од „Амазон“, со напомена дека „сигурноста и здравјето на вработените, купувачите и бизнис-партнерите им се на прво место“.
Лондонскиот саем на книгата обично собира околу 25 илјади професионалци од издавачката индустрија секоја година, а првпат е одржан во 1971 година. Поради опасноста од коронавирусот е откажан и Саемот на книгата во Лајпциг, кој требаше да се одржи од 12 до 15 март.