Поети од речиси сите градови од земјава беа дел од третата манифестација „Поетски ѕвезди-2019“ што синоќа се одржа во Центарот за култура во Кичево. Се испреплетуваа песни за мајката, жената, љубовта и со многу инспирација нашите литерати им ги пренесоа емоциите на присутните во преполната сала од Центарот за култура и, си ветија дека и до година ќе бидат дел и од четвртата книжевна манифестација.
Но за да не остане само на поетите, се погрижија и членовите од една староградска група, кои во неколку наврати со своите песни ја подигнаа атмосферата во салата. Сите поети беа презадоволни од учеството на „Поетските ѕвезди-2019“ и од целовечерната дружба.
– Оваа манифестација за сите нас беше прекрасно помината вечер, каде ние поетите од разни страни се обидовме на својствен начин да ја прикажеме мајката и жената. Токму мајката како неисцрпна инспирација секогаш е благородна за создавање нови и нови творби, а меѓусебната дружба е мотив повеќе и наредниоте години да бидеме дел од овој настан – истакна Мирко Томовски, поет и писател од Охрид.
Имаше и поети кои во сите три досегашни манифестации биле присутни и, како што самите рекоа, ќе продолжат да творат за да бидат дел од овој настан.
– Секогаш кога ќе бидам поканета да бидам дел од „Поетски ѕвезди“ во Кичево, со задоволство ја прифаќам поканата и затоа сум и вечерва тука. Домаќинот се погрижи да нѐ има во што поголем број, за да покажеме колку сакаме и што можеме да направиме на книжевен план во врска со мајката и жената, кои се вечна инспирација на сите поети и таа е воедно вонвременска тема – рече Оливера Секоска, поетеса од главниот град.
На сите учесници на овој настан, од страна на организаторот на оваа манифестација, им беа доделени благодарници.