Во издание на „ВиГ Зеница“ деновиве излезе од печат поемата „Бдеења Блажеви“, со поднаслов „Пеења до потомците“, од писателот Томислав Османли. Авторот, познат по неговото прозно творештво, првпат се јавува со поетска книга. Својата поема Османли ја напиша во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, темелникот на македонската современа лингвистичка и книжевна култура.
Книгата е проследена со два исклучителни книжевни осврти, едниот од книжевникот Ристо Лазаров, а другиот од поетот, критичар и издавач Глигор Стојковски.
– Сака пред овој кошмар да се застане храбро, лице в лице. Баш така е застанат поетот, баш така како што му прилега на вистински потомок на великиот Блаже Конески. Тоа веднаш се препознава низ сиот тек на поемата, дело на вознемирен и загрижен, грижодушен човек и автор. Тој инспиративно, на свој начин, ја расветлува големата, титанска моќ на идејата на Блаже Конески – пишува Ристо Лазаров во предговорот.
Според Глигор Стојковски, Османли не можел да избере посоодветен лик во поемата и посоодветен пристап за да ги пренесе своите затемнети (прет)чувства.
Лајтмотив на поемата со која се чествува Столетието на Конески се неговите песни „Татковина“ и „Снег“, кои им припаѓаат на два тематски корпуса на големиот македонски лирик.
Книгата „Бдеења Блажеви“ е илустрирана со портретот на Конески од истакнатиот сликар Коле Манев. Тоа е портретот што ги краси просторите на Друштвото на писателите на Македонија, чиј прв претседател беше токму Блаже Конески.