Годинашната „Поетска ноќ во Велестово“ ќе биде посветена на поезијата на Зоран Анчевски и на скулптурите на Димитар Филиповски, а ќе читаат и шестмина македонски современи поети: Тоде Илиевски, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска, Павлина Атанасова и Јулијана Величковска. Ова 32. издание на манифестацијата ќе биде отворено вечерва, во 21 часот, во селото Велестово, Охрид, со настап на „Скопје гитар трио“, предводено од Дарко Багески. Водителка на програмата ќе биде Марина Димовска.
Годинашното издание на манифестацијата е посветено на поезијата на Зоран Анчевски, а за неговото дело ќе беседи Милош Линдро, додека стиховите ќе ги интерпретира Јован Цветкоски. Во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово, во 22 часот, ќе биде отворена изложба на академскиот скулптор Димитар Филиповски.
Утре во 18 часот, на локацијата во селото Велестово позната како На Каменон ќе се одржи настанот „Поезија – Залез“, на кој ќе настапат современите македонски поети: Тоде Илиевски, Владимир Мартиновски, Биљана Стојановска, Ѓоко Здравески, Павлина Атанасова и Јулијана Величковска.
Планираната интернационална вечер посветена на современата исландска поезија, претставена преку две исклучителни исландски поетеси – Сигурбјорг Трастардотир и Кристин Омарсдотир, поради ситуацијата со коронавирусот е презакажана за следното издание на „Поетска ноќ во Велестово“.
Настаните ќе бидат организирани во согласност со протоколите и препораките за заштита од ковид-19.