Дарко Багески, уметнички директор на фестивалот за класична гитара
Вие сте редовен соработник, гостин и член на жирито на меѓународниот гитарски фестивал и натпревар „Тремоло“, како и негов уметнички директор. Годинашното 11. издание е во тек, кажете ни нешто повеќе за вашето искуство со овој фестивал?
– Фестивалот „Тремоло“ веќе има децениска традиција. Јас сум со него од самото основање и сите овие години ДКЦ „Карпош“ безрезервно ми ја дава довербата за заедничка реализација. Во тоа време, со тогашниот директор на ДКЦ „Карпош“, Богдан Андријевски, се роди заедничката идеја да направиме фестивал за класична гитара. Многу сум среќен што Град Скопје нѐ поддржа во таа идеја. Оттогаш „Тремоло“ секоја година постепено се развива. Во последните две години фестивалот многу инвестираше во својот визуелен и организациски идентитет, што полека но сигурно го прави препознатлив во светски рамки. Веќе 11-та година имаме можност во Скопје да ги слушаме добро познатите светски солисти на класичната гитара, како и еминентните гитарски педагози. Тие безрезервно ги споделуваат своите емоции на сцената, своето професионално искуство и знаење. Меѓународниот натпревар ги мотивира нашите професори, ученици и студенти сѐ повеќе да инвестираат во своето знаење и да научат дека главната трка во својот професионален живот треба да ја водат со себе. И да го развијат својот „спортски и натпреварувачки“ дух.
На фестивалот гостуваат врвни музички имиња. Кого сѐ годинава имаме можност да го запознаеме?
– Во годинашната програма на „Тремоло“ имаме можност да проследиме три концертни вечери: Мигуел Трапага (Шпанија), „Дуо Коил“ (Морана Пешутиќ, Томислав Васиљ – Хрватска) и Момчило Мома Александриќ (Србија). Голема благодарност до шпанската амбасада во Скопје, која му помогна на фестивалот со поканата на гостинот Мигуел Трапага, кој е професор и солист од Мадрид, Шпанија. Меѓународното жири на натпреварот го сочинуваат: Герхард Рајхенбах (Германија), Џевдет Сахатџија (Хрватска/Косово), Зоран Аниќ (Србија), Мак Гргиќ (Словенија/САД), Николаи Михаилов, Стела Динкова (Бугарија) и Борче Наумоски, Љубомир Накевски (Македонија). Во текот на фестивалските денови се планирани уште три ексклузивни интервјуа со светски познатиот солист Габриел Бјанко (Франција), композиторот и професор Нејц Кухар (Словенија) и со професорот и уметнички директор на еден од најпрестижните светски фестивали „Гитар арт Белград“, Бошко Радојковиќ (Србија). Сигурен сум дека љубителите на класичната гитара ќе имаат можност да уживаат во овие фестивалски денови.
Како доаѓате до нив, како ја остварувате соработката со вакви звучни имиња?
– Знаете, јас сум солист и професор на ФМУ Скопје, a искуството како уметнички директор го добив токму со „Тремоло“. Со својата професија, концертирајќи на меѓународната сцена, со самото присуство на интернационалните светски фестивали, остварив многу пријателства и контакти, кои до ден-денес ги негувам. Токму тоа ми помага полесно да ги остварам желбите и идеите кои музичари да дојдат и да се претстават во Скопје. Оваа година, поради ситуацијата со ковид-19, одлучивме да имaме виртуелна едиција на фестивалот.
Централен настан е натпреварот на кој учествуваат талентирани млади луѓе. Колку од нив изградиле музичка кариера, го следите ли нивниот пат?
– Секоја година имаме победници во сите категории на натпреварот. Главната награда е секогаш во категоријата во која нема возрасна граница, над 21 година. Голем број таленти, кои биле победници на „Тремоло“, денес имаат веќе своја солистичка кариера во светски рамки. Често се случува некои од нив да ги сретнам на некои од меѓународните фестивали каде што гостувам јас. Убаво е да се види квалитетен изграден музичар, кој своето сценско искуство го поминал токму на „Тремоло“. Тие го паметат тоа целиот живот и се благодарни.
Имате одлично музичко образование, кое го стекнавте во Скопје, дипломиравте на високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија, и магистриравте на Државниот конзерваториум во Солун, Грција. Колку е важно образованието, особено за еден млад музичар кога ги прави првите чекори на сцената?
– „Успехот е начин на мислење и навика“, вели Марк Фишер. Образованието и инвестицијата во себе се клучни за целиот животен пат, во која било професија. Институцијата каде што учиме е важна, но уште поважна е личноста што ве води. Професорите го пренесуваат знаењето, но тие се и животни учители, другари и критичари. Тие треба да се во многу добра комуникација со родителите, бидејќи во целиот едукативен процес, тие се главната алка на градењето на една личност што ќе биде комплетна. Сцената е дел од музичкиот пат, кој е добро да се искуси што порано… и што повеќе. Во секој случај, добро е што порано да се научиме да се радуваме на нашите неуспеси и падови, бидејќи тие се главните лекции по кои се издигнуваме на повисоко ниво. Рецептот за добар солист и музичар не е само вежбањето, туку целокупниот образовен процес, односот кон уметноста, како и стекнувањето на здравите животни навики: спорт, исхрана и здрав сон.
Досега сте настапувале на многу светски сцени, има ли некои од овие настапи што трајно ќе ги паметите?
– Веќе многу години сум на концертната сцена и можам да кажам дека тоа искуство се стекнува само таму. Да се биде солист и музичар не е професија, туку начин на живот. Бара многу себевложување, инвестирање во своето знаење, многу дисциплина и поддршка и истрајност од семејството, и додека сте млади и кога ќе имате свое семејство. Концертите што трајно ќе ги паметам се многу. Секоја сцена има своја енергија и убавина: црква, музеј или концертна сала. Секаде публиката доаѓа со надеж дека ќе си ја напои душата со убавина. Ќе ги паметам концертите на кои свирев во иста вечер со моите идоли, концертот во Тајван кога се роди мојот син Ведран, концертот во Хонгконг каде што еден по еден во колона чекаа за автограм, а после тоа требаше да потпишам преку 100 гитари, како и концертот на „Гитар арт“ во Белград и „Охридско лето“, каде што имав можност да ги имам во првиот ред најдрагите луѓе, а и моите професори да бидат дел од публиката. Секој концерт е како посебно прочитана книга, има своја содржина, лекција, искуство и инспирација.
Меѓу мноштвото награди имате и такви што се однесуваат на вашата долгогодишна успешна педагошка работа. Колку ве исполнува овој дел од работата?
– Педагогијата ја сакам со целото срце. Уште како дете знаев дека ќе бидам професор на факултет. Се трудам да бидам безрезервен во делењето на знаењето, бидејки сметам дека само така ќе оставиме нешто зад себе. Богатството е во давањето, а не во имањето. Многу ме исполнува работата со студентите. Целта ми е да се едуцираат и да ги доразвијат знаењето и искуството, да ја победат тремата на сцена и да научат да уживаат пред публиката. За тоа се потребни многу истрајност, верба, работа на себе и упорност.
Интересно е дека важите за врвен гитарист и гитарски педагог што концертира насекаде во светот, но домашната публика немала многу можности да ве слуша на нашата сцена, зошто?
– Последниот мој официјален солистички концерт во Македонија беше на „Охридско лето“ во 2013 г. Тоа ми беше една од желбите уште од дете, познавајќи ги големината и традицијата на тој светски музички бренд. Причината не би можел да ја лоцирам со сигурност, веројатно кај нас многу повеќе има интерес кај организаторите за странските имиња отколку за нашите уметници, иако квалитетот го имаме и е повеќе вреднуван надвор од границите. Тоа го чувствуваат голем број од моите колеги во Македонија. Но, сепак, сите овие години имам безрезервна подршка од Министерството за култура за сите проекти на меѓународен план. За тоа сум многу горд и благодарен. Се надевам дека во блиска иднина македонската публика ќе има можност да ме слуша во некоја од нашите концертни сали.