Во организација на здружението за алтернативна уметност „Алтер центар“ синоќа во
галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци по четврти пат се одржа меморијалната манифестациа „Пријателите на Ристо“ посветена на познатиот ликовен уметник Ристо Соколов. Љубителите на неговата уметност имаа можност да ги видат делата од циклусот „Некогаш и денес“ на Ристо Соколов кои премиерно беа изложени во 2005 година во Уметничкото студио „Сокол Арт“. Станува збор за дела работени од природни материјали, коноп, глина, песок, слама кои авторотго ги користи како мост со минатото кога од нив се граделе куќи се светли прозрци кои гледаат во денешнината од кои на различни начини се провлекуваат колоритни фолклорни мотиви карактеристични за македонската куќа.

На изложбата имавме можност да ги видиме и фотографиите од познатата интервенција во просторот на Елпида Хаџи-Василева од 1995 година со наслов „Конекција“ која беше поставена во паркот на скулптурата во Јоркшир – Велика Британија. Нејзината порака со ова нејзино дело е дека како што две дрвја се поврзани со корените така и подземниот свет е целосно конектиран меѓу себе истакнувајќи го нејзиното длабоко пријателство со ликовниот уметник Ристо Соколов и почит кон неговата уметност. Бројната публика синоќа како пријатно изненадување имаше можност да ја види видео пораката која Елпида Хаџи-Василева ја испрати по овој повод за нејзиниот учител од велика Британија.

Вечерта посветена на ликовниот уметник Росто Соколов беше пропратена со музиката на „Jazz All Night Trio “, додека за ликовниот уметник говореа Марјан Тодоровски, Александар Малинков, директор на Домот на културата и ликовниот уметник Трајче Јованов.

Ми.М.