„…По која цена?“ е насловот на изложбата на младиот француски уметник Пол Гунон, чие отворање во галеријата „Акантус“ е закажано за вечерва, од 19 до 22 часот. Тој престојуваше во Скопје месец и половина, градејќи го истоимениот проект-изложба, посветувајќи му сe комплетно, теоретски и практично на истражувањето на развојот и потребата на градот да еволуира во неговиот изглед низ историјата. Пред публиката во оваа пригода Гунон до 30 септември ќе се претстави со петнаесетина дела: видео, инсталации, скулптури и релјефи.
– Гунон си ги поставува прашањата како ја паметиме и пренесуваме историјата, која полека избледува, повторно креирајќи ја од скица и со кои социолошки, политички и културни последици или, пак, со каква цел – укажува меѓу другото кураторката на изложбата Дијана Томиќ Радевска.
Според неа, низ духовит пристап овој уметник „артефактите ги соголува, ги вади од контекст или, пак, наново ги создава. Користи соодветни современи архитектонски материјали, гради, моделира, излева во бетон. Сето тоа бара од уметникот дисциплина, физичка сила, ангажираност, точност…“.