Изложбата „100 години Требениште“ содржи околу 400 експонати откривани во различни периоди од 1918 до 2018 година
Археолошката изложба „100 години Требениште“, чие првично одржување во Скопје беше најавувано уште лани, го дочека своето конечно отворање од затворен тип завчеравечер во Археолошкиот музеј во присуство на авторите на изложбата од овој музеј, од Народниот музеј од Белград и од Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија, каде што како и во Заводот и музеј во Охрид се чуваат вредните артефакти од овој охридски локалитет. Оваа изложба, каде што првпат заедно се презентираат околу 400 експонати, откриени во повеќе наврати во различни периоди на локалитетот од 1918 до 2018 година, за отворена пред поголем број присутни главно од културните, но и дел од политичките кругови од трите земји, ја прогласи нејзиниот покровител, премиерот Зоран Заев.
– Раководителите и кустосите на овие институции направија историски и значаен чекор за да се прослави 100-годишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет. Оваа благородна иницијатива ги тргна разликите настрана за да се фокусира на нештата што обединуваат, наместо на нештата што делат. Сега епилогот, заокружената приказна за загатката Требениште, имаат шанси заеднички да ја решат националните историски археолошки институции од Бугарија, Србија и од Северна Македонија, а зошто да не и во соработка со соодветни институции понатаму и од Грција – рече, меѓу другото, Заев.
За јавноста изложбата е отворена од вчера до крајот на август по што ќе биде презентирана во Белград, па во Софија. Таа е проследена со репрезентативна монографија чии автори се 26 еминентни стручни лица од трите земји.
– Со оваа изложба многу нешта се случуваат по првпат во нашата земја, на Балканот, во Европа. Требениште е прв, ако не и единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран во светот преку три музеи од трите земји и сега првпат пред светот е претставен како целина – укажа директорот на Археолошкиот музеј, Горан Санев.
Тој истакна и дека „по цели 100 години од откривањето на првата златна маска повторно расте еланот за продолжување на истражувањата на некрополата Требениште, но овој пат не поединечно како во 1918 година или од 1930 до 1934 или во 1953 и 1954 или во 1972 година, туку заеднички како генерација на археолози од Македонија, Србија и Бугарија, наследници на истражувачите на Требениште од минатиот век“.
Пред присутните се обратија и директорот на Археолошкиот институт и музеј при Бугарската академија на науки во Софија, Христо Попов, и директорката на Народниот музеј од Белград, Бојана Бориќ Брешковиќ, која ја нарече изложбата исклучителна, а Требениште еден од најважните локалитети на Балканот.
– Чест беше за нас што ја создадовме оваа изложба да добиеме можност да продолжиме нешто што било желба и сон на многу наши предци, на многу научници од Софија, Белград, Охрид, Скопје. Тоа е голема чест, но и голема одговорност што обврзува. Тука сретнав луѓе што со години мечтаеја за таква изложба, на пример Паско Кузман (кој беше вечерта меѓу присутните и по чие споменување следуваше аплауз н.з.), како и Павлина Илиева од Софија – рече, меѓу другото, Христо Попов.
– Соништата се остварија, севкупните резултати се важни за претставување на заедничкото културно богатство и за промовирање на културната соработка на земјите од Западен Балкан – рече, меѓу другото, Бојана Бориќ Брешковиќ.
Присутните на завчерашното отворање на кое му претходеа и обраќања на претставниците на министерствата за култура од трите земји имаа можност меѓу првите да ги видат најпознатите фасцинантни требенишки погребни златни маски, но и златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, сребрени ритони, кантароси, различни видови садови, килибарен и друг вид накит, керамички предмети, различен накит и оружје, познатите шлемови, но и впечатливи керамички предмети поврзани со сѐ уште мистичната приказна за непознатата аристократија, која од 6 до 4 век пред нашата ера живеела крај брегот на Охридско Езеро. Изложбата започнува со презентирани фотографии, архивски наоди, теренски мапи и на мошне прегледен начин ја покажува хронологијата на досегашните истражувања на некрополата Требениште.