Перфектен настап на Наташа Диденко во Софија

Под работен наслов „Магична барокна вечер“, синоќа, за прв пат, во Културно информативниот центар на РМ во Софија, се претстави една од нашите најдобри виолинистки од поновиот бран, Наташа Диденко. Таа на концертот изведе сонати за соло виолина од германскиот композитор Георг Телеман.

Од синоќешната изведба беа воодушевени, како нашата млада виолинистка, така и присутните во преполната сала од центарот.

-Синоќа за прв пат настапив во Бугарската метропола во Културно–информативниот центар на РМ. На концертот изведов сонати за соло виолина без клавирска придружба од германскиот композитор Георг Телеман. Според изјавите на колегите од Софија и музичката критика, изведбата била интерпретирана на високо музичко, техничко и професионално ниво. Концертот претставуваше магија која беше почувствувана од сите што синоќа се најдоа во преполната сала на КИЦ во Софија – истакна Диденко, за својот премиерен настап во Бугарија.

Инаку концертот го отвори директорот на КИЦ на РМ во Софија Д-р. Сашко Насев, а како специјален гостин беше нашиот амбасадор во Република Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев. После овој успешен настап, произлезе идејата за поголема меѓународна соработка на музички план.

З.А.