Претседателот Стево Пендаровски, како покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, преку видео порака се обрати на одбележувањето на овој голем јубилеј, што се одржа во седиштето на УНЕСКО во Париз. Во рамки на настанот се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март.
– Постои едно интимно упориште во секој од нас што ги отвора сите прашања кои ги носиме во себе како радост, товар или тага. Една подотворена врата низ која се наѕираат сите дилеми на постоењето. Тоа е зборот. Тоа е мислата преточена во поетски јазик кој успева да ги помести хоризонтите на животните искушенија кои секогаш се поврзани со слободата. Блаже Конески е квинтесенција на поетскиот јазик во чиј опус се вградени мудроста и предизвиците на постоењето. Конески суптилно ја објаснува граматиката на животот, создавајќи арматура врз која се потпира не само континуитетот на нашата национална култура, туку има свој придонес и за светското поетско и духовно наследство – го започна Пенадровски своето обраќање.
Во говорот, Пендаровски ја опиша поезијата на Конески како длабоко рефлексивна и јасна – и кога станува збор за интимните патеки на човекот, но и кога станува збор за општествените превирања и, воопшто, за сите бездни на животот.
Пендаровски рече дека Блаже Конески е поет кој се бори против диктатурата на еднозначноста и токму затоа е поет на демократијата.
– Во неговото целокупно творештво се вградени нашето минато, сегашност и иднина, но неговото наследство, всушност, им припаѓа на сите оние на кои им е јасно како се гради современ, еманципиран и космополитски свет – заклучи Пендаровски.
По повод чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Конески, официјално беа објавени добитниците на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата” и на „Мостови на Струга”.
Потсетувајќи дека 100-годишнината од раѓањето на Конески е запишана во Календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО, министерката за култура, Ирена Стефоска, забележа дека ова чествување претставува и омаж на универзалните дострели на поезијата и на јазичната разноликост во светот.
– Не случајно песните на Конески, денеска во УНЕСКО, не ги слушнавме само на македонски, туку и на други јазици. Поетскиот збор не познава граници од кој и да е вид и не смее да познава – изјави Стефоска.
Во текот на омажот, песни од Конески на своите јазици прочитаа високите дипломатски претставници во УНЕСКО Ферит Хоџа (Албанија), Вероник Роже-Лакан (Франција), Леонора Клеинова (Република Чешка), Метка Ипавиц (Словенија), Данијела Чубрило (Србија), Гази Герери (Тунис) и Микаел Шулц (Шведска).
Поезија од Конески на македонски читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во Парискиот институт ИНАЛКО, додека краткиот осврт „Блаже Конески – виртуоз на поетскиот јазик“ на француски го прочита македонската поетеса Тања Кармзова Костиглиола.
Во текот на културниот настан, Амбасадорката Чаушевска Димов официјално ги објави имињата на лауреатите на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата” и на наградата „Мостови на Струга“.
Оваа година, Златниот венец ѝ припадна на Керол Ен Дафи, родена во Глазгов во 1955 година,една од најзначајните современи поетеси во Велика Британија, авторка на педесетина книги и досегашна добитничка на значајни книжевни награди и високи одликувања, меѓу кои и почесните титули Дама-заповедник на Редот на Британската Империја (2015) и Поет-лауреат на Обединетото Кралство (2009-2019).
Наградата за дебтантска поетска книга доделена во соработка со УНЕСКО, „Мостови на Струга“, му припадна на Владан Кречковиќ, роден во Белград во 1988 година. Наградената книга Париз,Тексас, насловена според култниот филм на Вим Вендерс, на еден мошне суптилен и непретециозен начин говори за љубовната разделба без патетика и нуди поинаква перспектива на оваа вечна тема.
Настанот со кој Македонија го одбележа во УНЕСКО Светскиот ден на поезијата и 100-годишнината од раѓањето на Конески го збогати настапот на Дуото СолиПсе, односно македонската флеитистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио, со интерпретација на две дела од народниот македонски музички опус – Зајди зајди и Гајдарско оро – во аранжман на Мирослав Тадиќ.
Настанот што се одржа во седиштето на УНЕСКО во Париз, можете да го проследите на следниов линк: https://youtu.be/i0CzJURAbs0