Дел од култната палка од Милци Фото: Маја Јаневска-Илиева
Едно од петте богати женски погребувања од некрополите Лисичин Дол и Милци, презентирани во Археолошкиот музеј во Скопје, ќе биде дел од светската изложба „Првите кралеви на Европа“ 
 
Фасцинантниот приказ на петте богати женски погребувања од некрополите Лисичин Дол кај с. Марвинци, Валандово, и Милци кај Гевгелија, на изложбата „Статусни симболи кај пајонските заедници“, отворена во Археолошкиот музеј во Скопје, а реализирана во соработка со Музејот во Гевгелија, е нова можност да се запознаат некои од тајните на железното време, но и да се погледне кои, од тука презентираните македонско-пајонски бронзи, ќe бидат дел од светската изложба „Првите кралеви на Европа“, која треба да биде отворена во Чикаго во следните две години.
Фото: Маја Јаневска-Илиева
Во Чикаго треба да бидат прикажани вредните прилози од гробот бр. 111 на пајонска свештеничка од некрополата Милци, меѓу кои е и „култната палка“, која првпат во јавноста е презентирана токму на актуелната изложба во Археолошкиот музеј во Скопје. Тука, од истата некропола првпат се презентирани и наодите од гробот 125, меѓу кои е и уникатниот композитен приврзок, т.н. лира, покрај претходно дефинираните „музички инструменти“, тропалки и прапорци. Автори на изложбата „Статусни симболи кај пајонските заедници“ се археолозите, кустос-советничката Александра Папазовска од истиот музеј и кустос-советникот Бобан Хусеновски, директор на НУ Музеј Гевгелија. Дизајнот го потпишува архитектот Јован Ивановски, а нејзиното визуелно обликување – Бисера Крцковска.
– Со Филдовиот природнонаучен музеј од Чикаго, НУ Музеј Гевгелија склучи договор за учество на „Првите кралеви на Европа“, а самото име на изложбата говори колкаво значење во странство ѝ се придава на оваа покојничка од Милци. Се надевам дека не помало ќе ѝ биде обезбедено во нашиот музеј – рече деновиве Бобан Хусеновски.
Треба да се истакне дека петте женски погребувања во Археолошкиот музеј се вешто прикажани со помош на фотографии од археолошките откритија, преку минималистичка, но мошне добро осмислена реконструкција со користење цртежи и висечки платна, како и преку големиот број наоди во стаклените витрини. Македонско-пајонските бронзи се сметаат за една од најпрепознатливите и најзначајни теми на македонската археологија, а презентираните сознанија се резултат на работата на повеќе генерации археолози.
Археологот Златко Видевски, кој, покрај Страхил Темов, е еден од двајцата коавтори на изложбата во предговорот на каталогот, меѓу другото истакнува дека мноштвото македонско-пајонски бронзи откриени при археолошките истражувања во изминатите две децении претставуваат важен показател за карактерот и високите вредности на локалната железнодопска култура, како хронолошки, така и културно, и ја сместуваат во рамките на еден поширок европски простор на железното време. Истражувањата посебно се концентрирани по долината на реката Вардар, каде што, според своите особености и богатство на наоди, се издвојуваат железнодопските некрополи: Лисичин Дол, со откриени 403 погребувања, и Милци, со 156 истражени погребувања. Видевски потсетува дека пресвртница во вреднувањето на македонско-пајонските бронзи претставува откривањето на гробот бр. 15 на пајонската свештеничка во 1997 година во Лисичин Дол, но и дека таквите религиозни комплети пронајдени во презентираните пет женски гроба се добро застапени и зачувани во изворна состојба. Бобан Хусеновски, кој и ја откри „Дамата“ со култна палка од Милци, како што и самиот ја нарече, истакна дека таа понуди комплексни сознанија, кои, покрај мајсторска изведба и убавина на култните бронзи, длабоко навлегуваат во општествено социјалниот контекст на локалната заедница, во која покојничката за време на својот живот имала престижно место и улога. Некрополата Милци е евидентиран археолошки локалитет, чиј поголем дел од границите од железно време (крајот на 8 до крајот на 6 век пр. н.е.) се наоѓаат на парцела во приватна сопственост.
Александра Папазовска деновиве меѓу изложбените витрини со задоволство посочуваше на низа моменти поврзани со петте пајонски свештенички, но и со актуелниот меѓународен проект „Македонските метали – потекло, дистрибуција и технологии“, кој Археолошкиот музеј го реализира во соработка со Институтот за ориентална и европска археологија од Виена, од каде што треба да се добијат податоци и за потеклото на македонско-пајонските бронзи.
– Пред повеќе од една година зедовме семплови од над 80 предмети: бронзи, фибули, накит, разнороден материјал и тие се испратени во Виена. Станува збор за предмети од локалитетите Марвинци, Ќурчевица, Глос, Дедели, Милци и очекуваме да добиеме паралели дали тие предмети што ги наоѓаме, на пример на Лисичин Дол и на Милци, потекнуваат од исти лежишта, дали станува збор за исти работилници, кој ги правeл, или пак се добиени како импорти. Ги знаеме лежиштата, но начинот на кој тие се копале и се експлоатирала рудата е она што е предизвик на овие истражувања. И денес на Казандол, на Исар Марвинци и на уште неколку локации во околината има лежишта. Теоретски се смета дека изобилство руда и умешноста и технолошкото знаење да ја преработат и од неа да изработат предмети, како што се претставени на изложбата, ги издвојуваат од преостанатите заедници во тоа време, економски и општествено. Станува збор за 8-7 век пред наша ера, а најголемата експлоатација на лежиштата е веќе во 7 век. Кај самата заедница можеме да забележиме раслојување, појава на некакво племство или аристократија, луѓе што биле побогати или веќе можеле да се занимаваат со духовната сфера на животот. Вакви богати погребувања како на изложбата, има и на други места во земјава, не само во Повардарие и Лисичин Дол, но сѐ уште сме во фаза на обработка на собраниот материјал – вели Папазовска.
Посочувајќи на дел од впечатливите изложени предмети од Лисичин Дол, меѓу кои има накит и висулци во стилизирана форма на бикови, коњи, птици и друго, таа укажа дека предметите откривани во гробовите на оваа некропола датираат од 8 до 6 век пр. н.е., а погребувањата од крајот на 7 и почетокот на 6 век пр. н. е. Се смета дека предметите од постариот период биле чувани, користени и се предавале на следните генерации.
– Сега од овој степен на истраженост, може да се каже дека 90 проценти од македонско-пајонските бронзи се пронајдени на наша територија, по долината на Вардар. Поради тоа влеговме во проектот за македонските метали, каде што сакаме да ги истражиме потеклото на бронзата, начинот на нејзината дистрибуција, нејзината траса низ Балканот – додава Александра Папазовска.
Фото: Маја Јаневска-Илиева