Изложба на фотографии под наслов „Патот на Сефардите“ ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, каде што ќе бидат изложени фотографии од 18 града, кои ја образуваат Мрежата на еврејските населби во Шпанија: Авила, Барселона, Касерес, Калахора, Кордоба, Естела-Лизара, Ервас, Хаен, Леон, Лусена, Монфорте де Лемос, Овиедо, Пласенсија, Рибадавија, Сеговија, Таразона, Толедо и Тудела, како и една фотографија посветена на традиционалната сефардска гастрономија.
Изложбата се одржува по повод 25-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи на земјава со Кралството на Шпанија, дел е од програмата на „Скопско лето“, а досега гостувала и во Берлин, Краков, Белград и Токио. Освен Амбасадата на Кралството Шпанија, како нејзини организатори се јавуваат и Здружението на еврејските шпански населби, еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од земјава. Здружението на еврејските населби на Шпанија „Каминос де Сефард“ работи на заштита на урбаното, архитектонското, историското, уметничкото и културното наследство на сефардските Евреи во таа земја.