Додека светот е под рестрикции и функционира на дистанца, на писателите им се создава амбиент за пишување и за творење
Пандемијата ги одложи промоциите на книгите, поетските читања, доделувањата на наградите и церемониите за прогласување најдобри писатели, воведе рестрикции на саемите на книги, ги дистанцира читателите од книжарниците и од библиотеките. Многу автори на книги не успеаја да им стават корица на своите дела, многу планови не се одвиваат како што се замислени, но креативниот процес не запира. Нашите писатели деновиве ги користат за читање, создавање нови дела, довршување на веќе почнатите мисли, објавување на своите романи…
Писателката Лидија Димковска вели дека пандемијата, која ни ја одзеде колективната слобода, сосема ги парчоса и нашите индивидуални слободи, па и нејзината.
– Патувањата пред сѐ од Словенија до Македонија, но и во други земји низ светот, откако беа откажани речиси сите мои книжевни настапи, слободата да живеам според сопствените мерила и потреби и нештата да се подразбираат сами по себе како пред пандемијата, препуштена на сопственото време, ограничена во сопствениот простор, соочувањето со себеси предизвика во мене да гргне креативна енергија во вид на стихови, песни, довршени мисли и поетски циклуси, така што полека ја оформувам мојата нова поетска збирка „Плус-минус“. Во празнините меѓу песните му се навраќам на новиот роман, кој трпеливо чека на ред поезијата да се заокружи во ракопис, а напишав и неколку есеи и учествував во повеќе виртуелни книжевни проекти и, што е најважно, се изначитав (добри) книги.
Вишокот време е во полза на пишувањето, а пандемијата, која очигледно внесува дисхармонија во животот, во мојот случај, парадоксално или подразбирливо, се претвора во хармонија во литературата – вели Лидија Димковска.
Писателот Петар Андоновски ни сподели дека иако многумина во светот 2020-та ќе ја паметат по пандемијата, тој ќе ја памети по убави работи.
– На почетокот на пандемијата во карантин го напишав мојот четврти роман ,,Лето во кое те нема“, а кој беше објавен на крајот на август. Оваа година ќе ја паметам и по Европската награда за литература и признанието за најуспешен домашен автор за 2020-та, ќе ја паметам и по промоцијата во Скопје, во Софија, по писателската резиденција во Тирана и книжевната вечер во Будимпешта. Оваа година ми беше исполнета со убави работи и со многу креативност, затоа и лесно ги поднесов и карантинот и мерките – вели тој.
Андоновски во моментов е ангажиран на превод на збирката раскази ,,Нешто ќе се случи, ќе видиш“ на грчкиот писатели Христос Иконому, која треба да излезе наредната година во издание на „Или-или“.
– Книжевноста има долга историја со пандемиите, почнувајќи од Бокачо и Дефо, па до Ками и Маркес. За многу пандемии можеби и не би знаеле дека постоеле да не е книжевноста. Иако веќе се појавија некои романи што се случуваат за време на ковид-19, сепак мислам дека пандемијата допрва ќе нѐ инспирира – вели Андоновски.
За авторката Фросина Пармаковска пандемијата создава амбиент што ѝ е веќе познат, дури и пожелен.
– Ограничувањата во движењето и другите од низата мерки што беа донесени во различни фази од почетокот на пандемијата, особено во тој порестриктивен период, креираа еден амбиент што нам писателите ни е многу добро познат и, нема да претерам ако речам, амбиент што ни е пожелен, неопходен во периодите кога пишуваме книга. Лично кај мене, кога пишувам роман, особено последните шест месеци од работата, не се разликуваат многу од оние фамозни март, април и мај, кога бевме во полициски час и карантин – вели Пармаковска.
Во моментов таа е посветена на читање.
– Со оглед на тоа што мојот последен роман „На враќање“ излезе само пред два месеца, сега сум во периодот кога сакам да го исчитам сето она што не можев во периодот додека пишував, особено тие последни шест-седум месеци интензивна работа – додава Фросина.