Со археолошки истражувања е утврдено дека архитектонските остатоци од двете страни на колскиот пат на античкиот локалитет во Валандово претставуваат една просторија со мозаични подови над 500 квадратни метри
Дел од просторија со мозаик изработен во техниката опус тесилатум е откриен на објект работно наречен Римски домус, на античкиот локалитет Стакина Чешма во Валандово, локалитет којшто се смета за уникатен и препознатлив по своите впечатливи подни мозаици..
– Во изминатите 33 години на овој локалитет се истражени осум простории со подни мозаици со различна техника на изработка и еден базен со полукружна форма. Досега постоеја две претпоставки. Првата е дека една од просториите е дел од втор објект, а втората дека овој дел ѝ припаѓа на веќе постојна палата. Претпоставките беа засновани поради постоење на колскиот пат што ги делеше архитектонските остатоци – соопштија од Археолошкиот музеј на Македонија, кој на овој локалитет ги заврши годинешните истражувања, информирајќи и дека по отстранувањето на колскиот пат, им се отворил нов простор за работа и можност за добивање на нови сознанија.
Според техниката на обработка и стилските одлики на мозаикот откриен во дел од просторијата на Римски домус, археолозите утврдиле дека остатоците од двете страни на патот претставуваат една просторија, односно дека станува збор за еден репрезентативен објект со мозаични подови над 500 квадратни метри.
Тие изразуваат голема благодарност до Општина Валандово за добиената поддршка и помош при отстранувањето на колскиот пат. Археолошкиот локалитет Стакина Чешма е евидентиран во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век и континуирано се истражува од 1987 година, под раководство на сега веќе пензионираната кустос-советничка од Археолошкиот музеј на Македонија, Мила Шурбановска, која е дел од стручниот тим и при ова истражување.
Раководител на проектот е проф. Антонио Јакимовски, кораководител е Радомир Ивановиќ, кустос во истиот музеј, а стручниот тим го сочинуваат и Пенче Кралев, археолог од домот на културата „25 Мај“ од Валандово, археолозите Перо Синадиновски и Игор Ширтовски, како и Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура од Прилеп. Паралелно со овој проект на Археолошкиот музеј, во соработка со Заводот и музеј во Струмица, под раководство на археологот Ване П. Секулов, во тек е изработка на проект за конзервација на културното наследство на локалитетот Стакина Чешма.