Британскиот историчар на уметност Тимоти Клифорд го идентификуваше најраниот сочуван цртеж на големиот ренесансен уметник Микеланџело Буонароти. Цртежот е направен со молив и тинта, а прикажува фигура на човек што седи на нешто што личи на трон, облечен во тога, а во раката држи жезло. Клифорд смета дека делото настанало во 1487 година, кога Микеланџело имал 12 или 13 години, што го прави особено фасцинантен.
Цртежот со наслов „Човек што седи“ е во сопственост на анонимен британски колекционер, кој го купил во една француска аукциска куќа во 1989 година. Тогаш бил припишан на непознат автор. Но откако друг историчар на уметност споменал дека можеби се работи за дело на Микеланџело, колекционерот го контактирал Клифорд.
Делото во моментов е изложено во Музејот на убави уметности во Будимпешта, на изложбата на италијански цртежи од 16 век, со наслов „Триумфот на телото“.
Вистинска среќа е што овој цртеж е сочуван, ако се има предвид дека Микеланџело пред својата смрт запалил голем број свои цртежи, скици и карикатури, настојувајќи да спречи да се добие увид во неговиот развоен пат, од страв дека јавноста би можела да ги смета неговите дела за несовршени.