Во организација на здружението на Македонците и поборниците на македонската култура во Панчево и Република Србија, македонскиот културен центар „Блаже Конески“, на 21 декември, во Градската библиотека во Панчево, е одржана Филолошко-уметничка вечер на тема „Македонскиот јазик, книжевност и култура во образовниот систем на Република Србија и српскиот јазик, книжевност и култура во образовниот систем на Република Македонија“.
Верка Митковска беше модераторка, а во работата на трибината учествуваа шест научни работници, лингвисти и филолози од Скопје, Белград, Ниш и Панчево: Јелена Филиповиќ, Данијела Костадиновиќ, Станислав Станковиќ, Роза Гурмешевиќ, Лилјана Лазареска и Ана Новаковиќ. Во уметничкиот дел настапија ученици од средното музичко училиште „Јован Бандур“ од Панчево.
– Целта е да се подобрат условите за изучување на македонскиот јазик во Република Србија и српскиот во Република Македонија. Да видиме како се работи таму и со кои проблеми се сретнуваме, да размениме мислења и да го примениме она што е добро. Опфатена е проблематиката од основно училиште до докторски студии. Заклучено е дека за да се постигне целта, мора повеќе да се работи – рече Верка Митковска.
Кога се работи за образованието, според мислењето на Станислав Станковиќ, како општа слика во двете држави, интересот за изучување на мајчиниот јазик, македонскиот во Србија и српскиот во Македонија, за жал, кај самите родители и кај учениците се намалува од повеќе причини.
-Ваквите средби и паралелните истражувања и информации до кои се доаѓа на овој тип трибини се многу потребни. Учесниците и публиката добиваат целосна слика за состојбата на теренот во двете држави – нагласи Станковиќ, доцент на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Приштина, лектор по српски јазик на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје, кој работи и во Институтот за српски јазик во Белград.
Кога е во прашање изучувањето на мајчиниот јазик, состојбата не е на завидно ниво во двете држави
Според податоците од Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија, во оваа учебна година предметот Македонски јазик со елементи на национална култура го учат 230 ученика во осум основни училишта во Република Србија.
Според излагањето на Ана Новаковиќ, слична е состојбата и со изучувањето на српскиот јазик во Македонија.
За да се поправи сликата на теренот, потребно е секој поединец да направи барем еден мал чекор за да се промени нешто.
– Кога се во прашање малцинските јазици, мораме да ја издигаме свеста за значењето на јазикот во самата малцинска заедница и врската помеѓу она што е конструкција на личниот и колективниот идентитет. Кога е во прашање образовниот систем, длабоко верувам во потребата за повеќејазично образование и за воведување на македонскиот јазик во образовниот систем на Србија како еден од рамноправните јазици со јазиците на другите национални малцинства и странските јазици – рече Јелена Филиповиќ, редовна професорка на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Белград.
Македонскиот јазик, книжевност и култура во Србија се изучуваат на универзитетите во Приштина, Ниш, Нови Сад и во Белград. Од излагањата на учесниците на трибината беше заклучено дека и во високото образование има недостиг од наставни кадри и лектори.
Според Данијела Костиќ, доцентка на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш, македонскиот јазик во Србија и српскиот во Македонија се на ниво на гаснење.
– На оваа трибина се отворени мошне значајни прашања за развитокот на српската и македонската книжевност. Во наставата за основно образование е потребно да се отпечатат книги, а за средното и високото образование има голема потреба за усовршување кадри во академските институции што сериозно ќе се занимаваат со српската книжевност во Македонија и со македонската книжевност во Србија. Јас мислам дека, во овој контекст, оваа трибина даде значаен придонес во понатамошното изучување на едната и другата култура – изјави Костадиновиќ.
Општ заклучок по одржаната трибина е дека во двете држави српскиот, односно македонскиот јазик се наоѓаат во криза. Сѐ уште може многу да се направи ако се работи повеќе. Вакви тематски трибини во организација на македонскиот културен центар „Блаже Конески“ во Панчево се одржуваат веќе петта година. Л.Л.