Добрата актерска игра, сценографијата и костимографијата ја прават незаборавна првата поставка на Шекспировото дело во МНТ
Одлично одиграна претставата „Макбет“, вонвременската трагедија на вонвременскиот Вилијам Шекспир, завчеравечер на сцената на Македонскиот народен театар во режија на Нела Витошевиќ. За оваа силна психолошка и политичка театарска претстава режисерката, која и го адаптираше познатиот драмски текст, во препев на Богомил Ѓузел, мошне добро знаела и кому да му ги довери актерските улоги. Веќе потврдените актери Сашко Коцев и Драгана Лошкова импресивно ги доловија култните свирепи ликови на Макбет и Леди Макбет.
Сенко Велинов очекувано добро ја толкуваше улогата на кралот Данкан, а вреди да се истакне и актерската игра на Наталија Теодосиева, Ана Стојановска и Ивана Павлаковиќ, во улогите на трите вештерки. Меѓу другите, впечатлива е актерската игра и на Стефан Вујисиќ во улогата на Банко и на Благој Веселинов во улогата на Макдаф, како и на Дениз Абдула, кој го толкува ликот на Малколм. Оваа тегобна претстава за човековата болна амбиција, за борбата за власт, за моќ, претстава за силата на злото што расте до несогледливи болни размери, но и за борбата против него, ја темели својата вредност и на мошне впечатливата сценографија на Константин Трпеноски и на костимографијата на Розе Трајческа-Ристовска. Борбата со видливото и невидливото во оваа поставка на „Макбет“, во која и денес овде, но и каде било во светот, може да се препознаат луѓето од сите сталежи, ја прават поприемчива и поблиска и музиката на композиторот Огнен Анастасовски, како и видеомонтажата на Ристо Душковски.
Нела Витошевиќ пред премиерата изјави и дека обезбедените добри услови за работа за „Макбет“, на која работеше четири месеци, ќе ѝ овозможат полесно да го покаже она што го знае и фазата до која и стигнала како режисерка. Таа со премиерната изведба не само што покажа до каде стигнала туку со оваа претстава и си ја зацврсти својата позиција на режисерка со автентични и незаборавни креативни решенија.