Во рамките на фестивалот за аматерски театри „Фестивал на фестивалите“ во Требиње, Босна и Херцеговина, групата „Кунстверкштат“ на Младинскиот образовен форум ја одигра претставата „Немам каде да се вратам“. Во разговорот со публиката, претставата доби многу позитивни коментари. Милован Здравковиќ, театролог, за претставата вели дека успеале да испратат порака од ова време, да ја привлечат публиката на сочувство и да ја преминат рампата.
– Аматерите од Македонија, на најубав начин, го комплетираа мозаикот на богатството на различностите. Она што е особено шарено за оваа претстава е радоста на театарската игра. Најмногу ми се допаднаа првата и последната сцена, а на крајот заблеска симболот на чоколадата – како задоволство на детето. Таа е моќен и метафорички извонреден симбол, преку кој на претставата ѝ се даде дополнителна длабочина – вели режисерот Драган Копривица.
Театрологот Лука Кецман им честита на младите луѓе од Македонија, бидејќи ја презеле задачата да раскажат приказна за која и политичарите денес немаат одговор.
– Времето и историјата нешто или потврдуваат или негираат, но нивниот потег е храбар и достоен на младите да истражуваат. Не сум слушнал дека некој е премногу загрижен за ова прашање, особено во театарски поглед – вели Кецман.
„Немам каде да се вратам“ е претстава за талкањето на сириските бегалци. Дејството се случува во еден од бегалските кампови во Македонија и откако ликовите ќе се соочат со своите задоцнети бури, продолжуваат по својот пат до некоја од европските земји. Текстот на претставата е на Милош Андоновски, а режијата на Дени Сто0јанов. Улогите ги толкуваат актерите: Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Георги Божиновски, Ивана Стамевска, Ивона Кузмановска, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тамара Глушкина, Филип Христовски и Христина Мирчевска.
„Кунстверкштат“ е група млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Групата е основана од страна на Петар Антевски и Паула Фе во февруари 2014 г. како интерактивна работилница за перформанс во рамките на програмата „Младински активизам“.