Полни гледалишта, квалитетна програма наменета за публика од сите возрасти, настани што долго ќе се паметат донесе годинашното 58. издание на фестивалот „Охридско лето“, чија завеса ќе биде спуштена на 20 август со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во копродукција на Словенечки народен театар-СНГ Драма Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија, резимираат организаторите.
– Исклучително добрата музичка програма беше навестена уште на самото отворање на фестивалот со оперската дива Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и маестралниот диригент Николае Молдовеану. На Античкиот театар помеѓу многубројната публика можеа да се видат охриѓани, гости од странство, дипломати, политичари, бизнисмени, но и други познати имиња од јавниот живот. Традиционалните вечери на полска и на француска музика исто така донесоа многубројна публика. Кралскиот секстет „Д Квин Сикс“ потврдија дека се музичари со голема топлина во душите. Познатото трио руски уметници, Лугански – Књазев – Крилов ја наполнија црквата „Света Софија“ со публика, која уживаше во нивната префинета програма со класични дела. Ораториумот „Радомировиот псалтир“ што еден од најплодните македонски композитори, Димитрие Бужаровски, го напиша специјално за фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на „Света Софија“ донесе голем број уметници од Македонија, но и многубројна публика, која уживаше во овој семакедонски производ – велат од „Охридско лето“.
Добра посета имале и сцените во центарот за култура „Григор Прличев“ годинава искористени за дел од настаните на „Охридско лето“, а посетени биле и трите изложби што се одржаа во рамките на фестивалот (Георги Божиков, Марта Пејоска и Биби Клекачкоска и Калина Брајковска). А.Р.