Издавачки центар „Три“, во соработка со „Креативна Европа“, проект поддржан од Европска Унија, ја објави книгата од едицијата „Магични приказни“ – „Скитникот и синовите“ од современиот бугарски автор Александар Секулов, во превод на Душко Крстевски. Современата поморска авантура „Скитникот и синовите“ е уште едно издание што плени со својата раскошна раскажувачка енергија. Главниот лик е капетан Јосиф, висок, зеленоок, со долга сребреникава коса. Иако има полни едра на својата јахта „Барболета“, сфаќа дека животот му е празен и осамен.
Тој ќе мора да ѝ погледне на вистината во очи откако ќе помине извесно време со децата на своите најдобри пријатели – и со сопствениот син, кого не го видел со години. Токму тие ликови ќе го предизвикаат да проѕре малку подлабоко во личното море. Оваа книга е храбро впуштање во сопствената душа и осветлување на внатрешните длабочини.
Александар Секулов ѝ е добро познат на бугарската сцена не само како автор туку и како креатор на културниот живот во родниот Пловдив. Автор е на романите „Колекционер на љубовни приказни“, „Малата светица и портокалите“, „Господ слегува во Атина“, како и на неколку поетски книги. Добитник е на наградата „Аскеер“.