Монографијата „Живописот од XIX век во Струга и Струшко“, која во својата едиција „Културно наследство“ неодамна ја издаде „Каламус“, се заснова на научните резултати од повеќегодишните истражувања на уметноста од 19 век во Струшко, со кои авторот, историчар на уметноста, Сашо Цветковски има опфатено триесетина цркви по долината на реката Дрим, Струга, во делот на крајбрежјето на езерото, Долни и Горни Дримкол, како и пределите на струшката Малесија.
– Сашо Цветковски открива и проучува обемен и досега малку познат материјал во доменот на фрескоживописот, иконописот, резбата, графичката и применетата уметност. Неговите истражувања открија дека пределите околу Струга се вистинска ризница на уметноста од 19 век и, веројатно, една од најзначајните целини во уметноста од времето на преродбата. За ова сведочат многубројните цркви со складна архитектура, резбаните иконостаси, мноштвото икони сликани од зографи дојдени од Колакија (Солунско), Самарина и Хјонијадес (Северен Епир), од Битола и од потпелистерските села Магарево и Трново, но и зографот монах Антониј Јованов(ич) од Битолско, како и најпознатите дебарско-мијачки зографи: Дичо Зограф, Аврам Дичов, Јосиф и Јаков Радеви, браќата Макариеви од Галичник, Никола Крстев, Крсте Николов, Серафим од Тресонче, Христо Манов, Евтим Христо Манович, Евтим Спасов, браќата Андонови од Гари.
Авторот го следи развојот на црковната уметност низ еден одреден хронолошки период и ги опсервира падовите и подемите на уметничкото творење условени од актуелните историски околности, кои ретко некаде имале такво пресудно влијание врз уметноста какво што се забележува на просторите на некогашната диецеза на Охридската архиепископија од крајот на 18 до средина на 19 век. Своите истражувања на уметноста и уметничките текови во Струшко, Цветковски ги поставува на поширока основа и повеќето од тематските особености на живописот ги анализира и ги проучува компаративно со вклучување и посочување голем број иконографски и програмски аналогии. Ваквиот сериозен пристап, ерудицијата и познавањето на изворниот материјал и црковните споменици во Преспа, во Пелагонија, во Албанија (Северен Епир) и во Грција (Солунско и Света Гора Атонска) значително придонесува за целосноста на сознанијата и интерпретацијата на одредени суштински појави, и за тоа тие правилно да се согледаат во контекстот на сложената и динамична слика на уметничките текови и појави во пределите на Западна Македонија и на Балканот во 19 век – вели историчарот на уметноста Дарко Николовски, според кого, впечатливо е големото познавање на црковната уметност и на спомениците од поширокиот круг на Западна Македонија, кои Сашо Цветковски теренски ги проучува повеќе од една деценија.
Содржината на оваа обемна монографија е изложена низ три поглавја, две посветени на иконописот и фрескоживописот и едно поглавје посветено на црковно-историските околности во Струшко, а следуваат поглавјата со завршни разгледувања, библиографија и пошироко резиме на англиски јазик, илустрации и цртежи. Таа завршува со извадок од рецензијата на академик Цветан Грозданов, во чиј спомен авторот ја посветува оваа книга.
– Монографијата претставува капитално дело посветено на уметноста во спомениците на Струга и Струшко и претставува прво сеопфатно и студиозно проучување на уметноста во овој толку значаен регион, во кој ќе се пројави во целата своја величина Дебарската уметничка школа – стои меѓу другото во рецензијата на академик Грозданов.