Првиот роман на Сашо Огненовски, „Сивиот плоштад“ е објавен во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје. Лилјана Пандева во поговорот кон овој роман пишува дека „Сивиот плоштад“ не треба и не може да се спореди со ниту едно друго прозно дело од македонската современа книжевност.
– Благодарение на авторовата условно речена љубов за филмот и театарот или, пак, безусловно речено на неговата ерудитност за филмот и театарот, „Сивиот плоштад“ е прозно дело – роман, но со филмска сценографија и со драмски дијалог, со еден збор романот е адреналински. Од прологот до крајот – пишува Пандева во поговорот.
Сашо Огненовски е писател, актер и комуниколог. Досега издал пет збирки поезија: „Лавина“, „Плодовите на гневот“, „Пустински цвет“, „Сума“ и „Менување на минатото“, две пиеси за возрасни и четири пиеси за деца. Неговите дела се преведувани на англиски, српски, бугарски и арапски јазик. Застапен е во поетски антологии во земјата и во странство. Уредник е на книжевното списание „Книжевни елементи“.
Преведува од српски и од англиски јазик. За својата поезија е добитник на наградата „ИЊА Богдани“ од Косово и на наградата на Друштвото на преведувачи од Црна Гора.