Новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ деновиве излезе од печат. Го издава ЦК „Марко Цепенков“-Прилеп, со поддршка од Министерството за култура. Во рубриката Поезија, во вториот број на „Стремеж“ за 2018 година, се објавени нови песни од Катица Ќулавкова, Линдита Ахмети и од Николина Андова-Шопова.
Во рубриката Проза, читателите можат да ги прочитаат расказот „Песна“ од Блаже Миневски, извадокот од романот „Кај што реката го бакнува небото“ од Билјана Тинтоска и расказот „Зошто венеат цвеќињата“ од Иван Антоновски. Во рубриката Нови гласови, „Стремеж“ во вториот број ја промовира поезијата на младиот македонски автор Борислав Јарчевски.
Во рубриката Препеви, во овој број на списанието се објавени преводи на песни од словенечкиот поет Иван Добник, препеани на македонски јазик од Драгана Евтимова, поезија од турскиот поет Гокченур Челебиоглу во препев на Игор Исаковски и песни од германската поетеса Нора Гомрингер препеани на македонски од Зоран Радически.
Во рубриката Критики, есеи, студии, Максим Каранфиловски пишува за зборникот „Како го читам Конески“, Лидија Капушевска-Дракулевска се осврнува на поетската книга „Небесна пантомима“ од Зоран Анчевски, за која авторот ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“, а Габриела Стојаноска-Станоеска пишува за митските фигури во прозата на Тања Урошевиќ.
Во последната рубрика Ин мемориам, е објавена биобиблиографија на академик Милан Ѓурчинов (1928-2018) и неговиот текст „Можности и перспективи на вредносната критика во современата литература“, како и освртот од Бобан Карапејовски за неговиот живот и творештвото на овој критичар и есеист. Исто така, во оваа рубрика е објавена и биобиблиографија на драмскиот писател, сценарист, преведувач и универзитетски професор Горан Стефановски (1952-2018), извадоци од неговите драми во избор на актерот Димитар Ѓорѓиевски од театарот „Војдан Чернодрински“, како и текстот „Писмо до човекот што беше пред своето време“ од Иван Антоновски.