Криминалистичкиот роман „И не биди млад мајмун“ на авторот Велко Неделковски беше промовиран на неодамнешниот Саем на книгата во Скопје. Книгата е дел од поширока едиција на издавачката куќа „Арс ламина“, наречена „Во еден здив“. Целта е да се понудат кратки и динамични дела, кои се читаат веднаш од првата до последната страница, а покрај „И не биди млад мајмун“, во едицијата засега се вклучени и „Туѓо тело“ на Владимир Плавевски и „Бричење петли“ на Владо Димовски.
„И не биди млад мајмун“ е дело што е преполно со дијалози и кај самиот читател создава слики во главата до тој степен што веќе е соодветно дело за адаптација на филмското платно. Главен лик во романот е Симон (Шими) Апостолов, чиј живот е пред распаѓање. Бракот со неговата Агна е речиси готов, нема работа и е вплеткан во разни криминални активности… Романот е напишан како сценарио за криминалистички филм, со многу напнатост и постојана акција.
Дополнително, еден од повторувачките „ликови“ во „И не биди млад мајмун“ е осата, со која авторот Неделковски сака да испрати порака за тоа што ѝ правиме на природата и како таа ни враќа, без разлика дали е тоа убодот на осата или пандемијата низ која минуваме.
„И не биди млад мајмун“ е 38. книга на Велко Неделковски, кој во својата фиока веќе има и два нови романи што ќе бидат издадени. Меѓу другото е автор и на култната серија „Втората смена“, добитник на наградата за животно дело од Македонската радио-телевизија, како и низа признанија за своите романи, раскази, радио и телевизиски драми и серии. Во 1986 година ја освои наградата за најдобра книга за деца на „Струшките вечери на поезијата“.