Од вкупниот број прибрани монети, како што напоменува авторот на монографијата „Античките монети од Вардарски Рид“, Бобан Хусеновски, извесен дел сѐ уште е во процес на идентификација и конзервација, а дел поради високиот степен на истрошеност или корозија е практично неупотреблив за науката
Во вториот том на монографијата „Античките монети од Вардарски Рид“ на Бобан Хусеновски, археолог кустос-советник, директор на националната установа Музеј – Гевгелија, која се појави 14 години по првиот том, авторот обработува 549 нови монети, откриени во периодот од 2002 до 2011 година, како резултат од систематските ископувања на археолошкиот локалитет Вардарски Рид.
Од вкупниот број прибрани монети, како што напоменува авторот, извесен дел сѐ уште е во процес на идентификација и конзервација, а дел поради високиот степен на истрошеност или корозија е практично неупотреблив за науката. Збирката монети нуди изворни општествено-историски податоци за континуираниот живот на античкиот град Гортинија (Вардарски Рид) во периодот од крајот на 6 до крајот на 1 век пр. н.е. Преку нивната иконографија се следат информациите за тогашните актуелни историски личности: богови, божества, херои, градови и воени настани од соседните и далечните региони што оставиле траги во стратиграфијата на античка Гортинија.
– Присуството на голем број разновидни монети, особено на ситните номинали, уште еднаш ја потврдува улогата на Гортинија на развиен трговско-занаетчиски центар во регионот Амфакситида – смета Хусеновски.
Тој посочува дека покрај некрополите Сува Река и Милци, и железновременскиот населбински хоризонт на Вардарски Рид, на пајонските корени и карактер укажуваат и нивните ретки примероци на „племенското“ монетоковење. Овој пат и со еден куриозитет, што го претставува првиот регистриран племенски статер-суберат, откриен во рамките на градот Гортинија и Долно Повардарје, а веројатно и во поширокиот регион. Иако во основниот текст се говори за обидот да се откријат можните причини за неговата појава, оваа нумизматичка реткост, наведува авторот, допрва треба да биде прецизно и сеопфатно научно толкувана. Застапени се меѓу другото и податоци за монетите што припаѓаат на емисиите на грчките полиси и колонии, а се наведува и дека значајната застапеност на монетоковењето на македонските владетели ѝ ја дава особената историска и нумизматичка вредност на збирката.
– Како најзначаен нумизматички наод, досега, откриен на Вардарски Рид (1999 год.), се смета веќе објавената остава на тетрадрахми од 4 до 3 век пр. н.е. Ова депо, во кое се застапени тетрадрахмите на Александар Трети и неговите постхумни серии, потоа на Филип Трети Аридај, Лисимах и Селеук Никатор, сѐ уште е единствен групен наод пронајден во рамките на населбата, за разлика од сите други познати остави од истиот период во Република Македонија, што се откриени надвор од границите на централните населби. Оставата зазема значајно место во постојаната археолошка поставка на НУ Музеј – Гевгелија и на највпечатлив начин ја демонстрира широката употреба на првата, општоприфатена валута во границите на античкиот свет.
Расветлувањето на причините, за појавувањето на, засега, скромно застапените монети од помладите историски епохи, пред сѐ, треба да биде повод за натамошни систематски ископувања на локалитетот Вардарски Рид, и за планирано збогатување на нумизматичката збирка на Музејот во Гевгелија – вели Хусеновски.
Со објавените два тома на монографијата, корпусот на откриените монети од Вардарски Рид засега е единствен кај нас, кој е целосно обработен и публикуван.
Монографијата е објавена во пресрет на 55-годишнината од формирањето на првата музејска збирка во општината Гевгелија (1964 – 2019) и 25-годишнината од почетокот на систематските ископувања на археолошкиот локалитет Вардарски Рид (1994 – 2019). Рецензенти се Наде Проева и Маја Боначиќ-Мандиниќ од Археолошкиот музеј од Сплит, а како стручен соработник и еден од промоторите е Перо Јосифовски.