Деновиве од печат излезе 22-та публицистичка книга на познатиот новинар и публицист Драги Аргировски, со наслов „Согледувања и нови видици“, која вклучува колумни објавени во весникот „Нова Македонија“, дополнети со коментари на социјалните мрежи. Во рецензијата, Васил Тоциновски истакнува дека Аргировски е единствен творец на Балканот со толку бележити дела со оваа значајна тематика како аманет за сегашните и идните генерации поколенија и времиња.
– Структурата на книгата ја составуваат четири поглавја. Првиот дел се колумни и обраќања во кои е посведочен ангажираниот, одговорен и систематичен приод на авторот кон поставените теми и задачи. Мозаикот од избор на забележителни активности, резултати, средби и спомени (втор дел) за сестрана соработка го одредува и валоризира Аргировски како претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, избран во два мандата во 2011 и 2015 година.
По третиот дел „Погледи, мислења и аргументи“, убаво смислено и остварено целоста на трудот ја заокружува последниот, четврти дел „Значајни интервјуа“, пораки и одгласи на Фејсбук со ставови, мислења и оцени од другите и за другото. Тие се своевидна мозаична потврда за вредностите на животните и творечки врвици на познатиот македонски новинар, публицист и општественик – вели Тоциновски за книгата.
Секој дел од книгата „Согледувања и нови видици“ е посебна целина, но ненаметливо и мудро тие во исто време создаваат една хомогена летописна историја за животното искуство и неговиот возвишен резултат мудроста.В.Т.