Изложба на уметницата Искра Димитрова ќе биде отворена вечерва во 20.30 часот, во „Чифте-амам“. Изложбата со наслов „@Траги“ претставува портрет на нашата средина преку изложување на огромна архива на реакции и написи во јавноста кон проектот „Вера, надеж, љубов“ – трите врби во реката Вардар, едно современо уметничко дело кое неправедно и неоправдано се претвори во синоним на проектот „Скопје 2014“.
– Најновиот проект на Искра Димитрова е остра критика токму на начинот на којшто во полето на културата се артикулираат и дистрибуираат одредени ставови, мислења, вредности – пишува кураторката Љиљана Неделковска.
Куратори на проектот се Лазо Плавевски и Владимир Јанчевски, стручна соработничка е Лилјана Неделковска, а асистент на проектот е Нита Муча. Кураторка од Националната галерија е Ана Франговска, а кустоси соработници се Александра Зиновски-Вилиќ и Горанчо Ѓорѓиевски. Технички асистент е Владо Димоски, а светло-мајстор е Илија Тарчуговски. Видеото, монтажата и звукот се на Дамјан Цветков Димитров.
Искра Димитрова завршила филозофија (1988) и скулптура (1990) на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Работи мултимедијални проекти, перформанси и инсталации. Авторка е на урбаната инсталација „Вера, надеж, љубов“, Скопје, 2012 г.. Учествувала на голем број самостојни мултимедијални проекти и инсталации, како и на групни изложби во регионов и надвор од нашите граници, во САД, Јапонија, Хрватска, Италија, Австрија итн.