Неделата на косовскиот филм во Кинотеката на Македонија ќе покаже дека оваа кинематографија во последнава деценија се карактеризира со видливо отворање кон меѓународните копродукции, учеството на интернационални фестивали и интенцијата да комуницира со странскиот гледач
Вечерва, во 20 часот, во Кинотеката на Македонија почнува Неделата на косовскиот филм со проекција на филмот „Татко“ (2015 г.) во режија на Висар Морина, потресна и сурово реална приказна за односот татко – син. Филмот е добитник на повеќе награди на филмските фестивали во Карлови Вари, Минхен, Баден-Баден… На програмата се и филмовите: „Херојот“ (2014 г.) на Луан Криезиу, „Три прозорци и едно бесење“ (2014 г.) на Иса Ќосја, „Непожелни“ (2017 г.) на Едон Ризваноли, „Доме слатки доме“ (2016 г.) на Фатон Бајрактари, „Ехо“ (2016 г.) на Дрен Жерка.
За врската на косовскиот филм со современоста во најавата пишува филмскиот критичар Стојан Синадинов, правејќи паралела со познатата песна „Косовска“ на „Бијело дугме“, единствен текст на бившојугословенската поп-рок сцена на албански јазик.
– Тоа е мошне трауматичен период од самиот почеток на дизинтегрирање на СФРЈ по смртта на Јосип Броз-Тито и првите демонстрации за редефинирање на Косово (тогаш автономна покраина во Србија) како самостоен државен ентитет. „Косовска“ во тој период за некои беше провокација, а за други суптилна „државна пропаганда“ за омекнување на тензиите на Косово. И затоа публиката низ цела Југославија веројатно првпат запеа на албански јазик… Зошто сиве овие редови во текст, кој се занимава со современата косовска кинематографија? Кога денес ги гледаме новите косовски филмови, ја гледаме ли сите истата димензија што авторите сакале да ја визуализираат во нивните филмови? Која е таа „тајна врска“, како во песната на „Бијело дугме“, која од обична приказна, можеби прочитана токму во весниците, ја (пре)создава таа посакувана димензија на популарната култура во која сигурно спаѓа и филмот? Каква е перцепцијата во јавноста за новите косовски филмови? Има ли некоја „тајна врска“ меѓу македонската и косовската кинематографија? – прашува Синадинов. Според него, и двете кинематографии, повеќе или помалку, во втората половина на минатиот век биле своевиден подкаст на големата југословенска кинематографија, од која порано или подоцна се осамостојувале.
– Кога денес пребарувате по филмографијата на еден Петре Прличко, на пример, не можете да ги пропуштите филмовите што тој ги снимал со Живорад Жика Митровиќ на Косово, „Капетан Леши“ (1960) и „Пресметка“ (1962). Од друга страна, пак, легендарниот Беким Фехмиу првата главна улога ја оствари во македонскиот игран филм „Под исто небо“ (1964) во режија на неодамна починатиот Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, а актерскиот првенец на косовскиот филм, Абдурахман Шаља, ја одигра неговата последна улога во амблематскиот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, и тоа само неколку недели пред смртта. Би се рекло дека е сосема нормална испреплетеноста на кинематографиите на две соседски земји, иако на различен јазик. Како што денес речиси и да не постои филм што не е продуциран од две-три земји. Од друга страна, пак, тие интернационални релации во кинематографиите како да добиваат по малку трагикомични димензии кога станува збор токму за соседски земји. Според принципот блиски, а непознати, во домашните киносали најмалку гледаме филмови од Албанија, Косово, Србија, Бугарија и Грција.
Да не се неколкуте фестивали и повремените тематски недели на некоја од овие кинематографии, не би знаеле што се случува кај првите комшии – вели Синадинов.
Според него, токму Неделата на косовскиот филм во Кинотеката на Македонија ги дестилира токму овие предности и мани и ќе покаже дека оваа кинематографија во последнава деценија се карактеризира со видливо отворање кон меѓународните копродукции, учеството на интернационални фестивали и интенцијата да комуницира со странскиот гледач.