Зубин Мехта е најголемиот меѓу најголемите диригенти на денешницата. Роден е на 29 април 1936 година во Бомбај (денешен Мумбај), Индија. Првите часови по музика ги добил од татко му Мехли Мехта (познат виолинист и основач на Бомбајскиот симфониски оркестар), а на 18-годишна возраст заминува на студии во Виена и оттаму се вивнува во универзумот на најславните. Диригирал со сите големи светски оркестри – во оперските куќи во Монтреал, Чикаго, во операта „Метрополитен“ во Њујорк, во Ковент гарден, во миланската „Скала“, во Кралската опера во Лондон, во Баварската државна опера, во театарот „Сан Карло“ во Неапол; настапувал со Виенската, Берлинската, Минхенската, Њујоршката, Белградската филхармонија…
Неговото име, сепак, најчесто се врзува за најдобриот оркестар на светот – Израелската филхармонија. Своето деби таму го имал 1969 година, а во 1981 година ја добива титулата „доживотен уметнички директор“. По точно 50 години и над 3.000 настапи со овој оркестар, Мехта го најави своето повлекување за октомври 2019 година.
Мехта не е само врвен музичар, туку и голем филантроп и мирољубец. Тој е симбол и жив пример како моќта на музиката ги премостува различните култури и ги крши сите бариери. Настапувал со Израелската филхармонија на многу места каде што се водела војна. Така еднаш, во предвечерјето на Шестдневната војна 1967 година, диригентот што требало да ја води Израелската филхармонија се откажал и Мехта веднаш се упатил (со авион што пренесувал муниција) од САД во Израел. Одржал концерт и потоа со солистите, пијанистот Даниел Баренбоим и со виолончелистката Жаклин ди Пре, останал затворен во подрумот на Ерусалимската концертна сала до завршувањето на војната. Помалку од една недела подоцна, Мехта се претставил како Евреин за да може да биде еден од кумовите на венчавката на Баренбоим и Ди Пре.
На неговиот шарм, неговата извонредна музикалност, неговата прецизност, вонсериската леснотија, но и сериозност со која диригира, никој не останал имун. На кој подиум и да застане ги плени музичарите, ја плени публиката.
Лада Шоптрајанова Петровска