ЗАВРШУВА ФЕСТИВАЛОТ „ЗЛАТНА ЛИРА“

Со концерт на Владимир Костов – виолина и на Марија Вршкова – пијано, вечерва, во 20 часот, во Музејот на македонската борба, свечено се затвора фестивалот „Златна лира“. На програмата се дела од Ј.С. Бах, А. Комитас, а вториот дел на вечерта ќе помине во знакот на македонското музичко творештво, каде што публиката ќе има можност во интерпретација на Костов и на Вршкова да слушне дела од Благоја Ивановски, Сони Петровски и Никола Коџабашија.
Владимир Костов ги завршува студиите по виолина на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Михајло Куфујонакис. Магистрира во класата на истиот професор, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози, меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др. Повеќепати по пат на аудиција е избиран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, со кого реализирал турнеи во Европа, Америка и во Азија.
За Марија Вршкова музичката критика ќе каже дека е уметница што со својата експресивност ѝ даде печат на македонската пијанистичка школа на почетокот на 21 век. Вршкова се вбројува во редот на најголемите афирматори на современото и особено македонското музичко творештво. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисоката оцена на ниво на универзитет, каде што ги завршила и магистерските студии.

Традиционално оваа вечер, Сојузот на музичките уметници на Македонија ќе ги додели и наградите „златна лира“ за значајни достигнувања во изминатата година и наградата за животно дело. Наградата за најзначајни достигнувања на полето на музичката уметност во 2020 година ја добива саксофонистот Нинослав Димов, а наградата за животно дело оваа вечер ќе ѝ биде доделена на пијанистката и професорка Евушка Трпкова Елезовиќ.

Нинослав Димов дипломира во класата на проф. Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2004 година, а магистрира во 2006 година. По дипломирањето во Скопје, продолжува со своите студии во Берлин, Германија, во класата на проф. Детлеф Бенсман. Во Берлин во 2006 година успешно ги завршува додипломските студии по саксофон и продолжува со специјализација. Во моментов е редовен професор по саксофон на ФМУ-Скопје.
Евушка Трпкова Елезовиќ е припадничка на првата генерација пијанисти дипломирани на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дипломирала во 1972 година, а магистрирала во 1978 година, под менторство на истакнатиот пијанист и професор Владимир Крпан. На концертната сцена дебитира во 1975 година со настапот во рамките на „Подиумот на млади уметници“ на фестивалот „Охридско лето“. Следуваат голем број солистички рецитали и концерти на Елезовиќ, а нејзините интерпретации ќе останат забележани од музичката критика по својата вдахновеност, префинет сензибилитет, искреност, топлина, но и виртуозност.