Расказот „Гладоморје“ под шифрата „Квечеруваме“ е добитник на наградата „Живко Чинго“ за 2020 година што Општина Охрид ја доделува по повод одбележувањето на традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“. По распишаниот Конкурс за најдобар расказ до комисијата во состав: Димитар Пандев – претседател, Славе Ѓорѓо-Димоски – член и Григор Стојкоски – член, пристигнаа 78 раскази од кои 7 не ја исполнуваа анонимноста на конкурсот.
Жирито избра десет раскази во поширок и четири раскази во потесен избор. Едногласно е одлучено наградата да му припадне на расказот „Гладоморје“.
– „Гладоморје“ претставува нов тип истражувачко искуство во македонската проза засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност со можна алегорија, која упатува на универзални концепти на современото живеење во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човекови опстојби – стои во одлуката.
Авторот на расказот со четвртиот примерок најдоцна до 11 август треба да дојде во просториите на Општина Охрид и да го докаже своето авторство.