Годинашното издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе започне вечерва во Амфитеатарот во Струмица. На самиот чин на отворањето ќе му биде доделена наградата „астер“ за исклучителни достигнувања на филмот и ТВ на актерот Данчо Чеврески. Веднаш потоа премиерно ќе биде прикажан американскиот краток игран филм „Кожа“ на режисерот со израелско потекло Гај Натив, по сценарио на Шерон Мајмон, а во продукција на Џејми Реј Њуман. Филмот е минуциозна драма за злосторството во едно мало гратче со порака против бесмислените неправди и расизмот. „Кожа“ оваа година доби „оскар“ за најдобар краток игран филм.
Од 22 часот следува блокот со уште 12 интересни кратки филмови: „Тек“ на Марија Грација Гоја и Робин Петре, „Еден мал чекор“ на Боби Понтилас и Ендру Чесворт, „Маркет плејс“ на Аник Кристијаенс (за кој музиката ја компонира Марјан Неќак), „И што вели летото“ на Пајал Кападија, „Човек-миленик“ на Марзиех Абрарпајдар, „Стар закуп“ на Висенте Барела, „Ја потпишав петицијата“ на Махди Флеифел, „Двоен живот“ на Јоб, Јорис и Мариеке, „Врне“ на Чиро д’Емилио, „Лимерентност“ на Оливер Пич, „Различни“ на Христина Белоусова и Данте Рустав и „Исповедта“ на Естебан Фонт Ројо.
Фестивалската програма продолжува в сабота претпладне во 11.30 ч. во предворјето на манастирот во Велјуса со Тивериополската беседа и портретот на годинашниот лауреат. В сабота во 20.30 часот во Амфитеатарот со присуство на повеќе автори ќе има проекција на уште еден ексклузивен блок од 11 кратки филма. Во официјалната компетиција на „Астерфест“ се кратки играни, документарни и анимирани филмови селектирани под мотото „Кратки резови“, за кои ќе одлучува меѓународното жири составено од ирскиот камерман Ед Годсел, словенечкиот режисер Андреј Кошак, бугарската дистрибутерка Гинка Андреева и македонскиот актер Данчо Чеврески.